Денешниот протест на глуви и наглуви лица пред Министерството за труд и социјална политика се одржал по грешка, бидејќи тие барале промена во Националниот сојуз на глуви, нешто што не е во надлежност на ова Министерство, изјави денес министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
„Пред Министерството дојдоа околу 40-ина глуви лица со кои јас утрото остварив средба. Со претставници на овие граѓани одржав средба и пред две недели. Разговаравме за нивните проблеми, а исто и денеска. Бев информиран, всушност дека тие и по грешка дошле пред Министерството, бидејќи бараа промени во Националниот сојуз на глуви. Тоа е независен орган, здружение на граѓани во кое што ние како МТСП немаме ингеренции да се мешаме во внатрешното функционирање. Ги охрабруваме сите глуви лица коишто се членови на Националниот сојуз промените што ги бараат да ги бараат внатре во самиот Сојуз во согласност со неговиот Статут“, вели Спасов.
Според него, глувонемите лица ќе добијат ново право. Станува збор за право кое што дополнително го зголемува буџетот на МТСП за 2014 за цели 42 милиони денари на годишна основа, односно тотално глувонемите лица од јануари 2014 година ќе добиваат по 4.000 денари месечно.
-Не велам дека со тие средства се решаваат сите проблеми, меѓутоа значително им се помага да ги надминат проблемите со коишто се соочуваат, меѓу кои што и обезбедување на толкувачи, рече Спасов.
Спасов посочи дека во нарениот период доста од барањата на граѓаните кои се собраа утрово, ќе бидат решени.
„Јас и натаму ќе остварувам средби со загрозените категории на граѓани со цел да изнаоѓаме најразлични начини како дополнително да им ја зголемиме помошта и поддршката. Навистина ми е жал што, едноставно и самите кажаа дека по грешка бил нивниот собир пред МТСП, меѓутоа и понатаму се договоривме да остваруваме средби на коишто континуирано ќе работиме на подобрување на нивната состојба“ нагласи министерот Спасов.




