Уште три сомнителни јавни набавки кои фирмата ХИТ Бекатон ги склучила со Општина Струмица, во период од само една недела, претстави на денешната прес-конференција, министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
– На почетокот да потсетиме дека фирмата ХИТ Бекатон тогаш била во сопственост на Костаке Трајков, шура на Панче Орцев, кој во време на овие сомнителни набавки бил директор на општинското претпријатие Комуналец, а сега, веројатно по награда, пратеник во Собранието на Република Македонија, вели Спасов.
Според него видливо е дека Панче Орцев, како директор на Комуналец доделувал јавни набавки на фирми од фамилијата на Заев, а Зоран Заев од Општина Струмица доделувал набавки на фирми од фамилијата на Панче Орцев.
„Дрско, безобразно и ниско, овие луѓе си ги делеле интересите на грбот на граѓаните. Панче Орцев делел јавни набавки на фирми од кланот Заеви, но за награда добивале и фирми од неговата фамилија, а потоа и станал пратеник“, изјави Спасов.
Спасов потенцира дека станува збор за организиран и добро планиран систем, во кој повеќе луѓе од СДСМ биле замешани.

– На ден 09.08.2010 година фирмата ХИТ Бекатон добива дури две јавни набавки во Општина Струмица. Едната во вредност од 823.994 денари, а втората во вредност од 481.676 денари. Дополнително, за само неколку дена истата фирма ХИТ Бекатон, на ден 16.08.2010 добива и трета јавна набавка во вредност од 535.248 денари. Заев во неколку дена на шурата на директорот, кој тој го поставил да раководи со Комуналец, му дал три јавни набавки, обвинува тој.
Вкупната вредност на сите набавки, се во висина од 3.360.017 денари. Зоран Заев, на шурата на директорот, кој тој го поставил му префрлил близу 55.000 евра, посочува Спасов.
Според него се работи за „вистински октопод кој функционира на ниво на Струмица, во кој се вклучени сите раководни социјалдемократи од тој град, а на чие чело стои Зоран Заев“.

Тој ја повика опозициската СДСМ да не ја дефокусира јавноста со измислици и лаги за луѓе од ВМРО-ДПМНЕ.
Зоран Заев, смета Спасов, треба веднаш да излезе во јавност и да признае дека фирмите од неговото семејство и нивните бизнис партнери добивале јавни набавки во општина Струмица и општинските установи под негова директна надлежност.




