„Не врне ли дожд од Бога подеднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така за сите?” – ова се зборови на Светите браќа Кирил и Методиј кои го отсликуваат овој радосен ден, ден на восклик, историски миг на исполнување на сонот на многу генерации“, вели во честитката по повод автокефалноста на МПЦ-ОА министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
„По молитвите на Светите браќа Кирил и Методиј, Светиот сабор на СПЦ со зборовите на српскиот Патријарх Порфириј по долгата заедничка богослужба во Соборниот храм во Скопје ни донесе убава вест – да ја благослови и признае автокефалноста на Македонската православна црква- Охридска Архиепископија“, вели тој во објавата на социјалната мрежа Фејсбук.
Во оваа прилика, додава Спасовски, би сакал да упатам срдечни честитки до македонските граѓани, за силната вера, смирението и заложбата за заедништво.
„Благодарност за мудроста на Неговата Сесветост Патријархот Вселенски г.г. Вартоломеј, за укажаното братољубие од српскиот Патријарх Порфириј, како и до сите браќа и сестри од православната екумена, и секако огромна благодарност и признание до МПЦ-ОА, Архиепископот охридски и македонски, г.г Стефан, и митрополитите коишто неуморно дејствуваа да се оствари овој сон на сеопшта радост на верниот македонски народ“, се наведува во честитката.