Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски утрово ја посети нашата Амбасада во Република Словенија, каде што на покана на амбасадорката Сузана Зеленковска, се запозна со работата на базната станица за мобилно издавање и достава на патни исправи за државјаните на Република Северна Македонија, кои живеат и работат во странство.

Како што објави на неговиот фејсбук профил, министерот Спасовски од страна на амбасадорката Зеленковска бил информиран дека базната станица во Словенија е пуштена на 27 септември годинава и досега за патни исправи се фотографирани 249 лица, до Амбасадата се доставени 187 изработени патни исправи, 137 се веќе издадени, а 62 се во обработка во МВР.

– Како одговор на барањата на граѓаните, во соработка со МНР, првпат во нашите дипломатско-конзуларни претставништва обезбедивме опрема со која се олеснува и скратува постапката за изработка и подигнување на патните исправи. Во август оваа година беа промовирани деветте базни и четирите мобилни станици, поставени во земјите каде што е сконцентрирана нашата дијаспора, со што како резултат на заедничките напори со МНР, го решивме деценискиот проблем на нашите граѓани кои живеат и работат во странство, олеснувајќи ја и скратувајќи ја досегашната постапка која просечно траеше четири до пет месеци, а во некои случаи знаеше да се одолговлечи и над шест месеци, напиша на фејсбук Спасовски.

Со поставувањето на базните станици и нивното пуштање во употреба, посочува, гужвите на шалтерите на Управните служби за време на летните месеци ќе бидат намалени, бидејќи, вели, услугата ја направивме достапна во нашите дипломатско-конзуларни претставништва, каде што се примаат и процесуираат барања на дневна основа, со проверка на податоците во реално време, при што се добива патна исправа во временски рок од две до три недели.

– Го слушаме гласот на граѓаните, продолжуваме да ги подобруваме условите и за нашите државјани во странство – овозможуваме навремен, ефикасен и економичен одговор на нивните потреби и брзо и непречено остварување на нивните права, објави на фејсбук министерот Спасовски