Оливер Спасовски, генерален секретар на СДСМ, изјави дека Евростат ја демантира македонската влада која тврди дека ја намалила невработеноста.
“Во текот на вчерашниот ден, Владата на ВМРО-ДПМНЕ излезе со фалби за тоа како ја намалила невработеноста и како се е супер благодарение на политиките на власта.
Но, демантот стигна многу брзо. Евростат објави податок дека Македонија е трета земја во Европа по сиромаштија. И точка. Толку со наводно успешните политики на македонската Влада.”
“И граѓаните на Гази Баба, ја делат судбината на граѓаните од цела Македонија. Се живее тешко, се врзува крај со крај. Невработеноста и економските проблеми се доминантни, а изразена е и социјалната раслоеност.
Пред граѓаните на мултиетничка Гази Баба денеска ќе ги промовираме мерките за поттикнување на вработувањето, особено на младите, како и мерките кои во значителна мерка ќе го олеснат животот на граѓаните и ќе придонесат кон враќање на средната класа. Проектите за инвестиции во инфраструктурата исто така.
Бидејќи денес е сабота, прв ден од викендот, ќе ја искористам приликата пред граѓаните да го образложам суштински и практично промовираниот проект „ДДВ викенд“.
Накратко, предвидуваме, на почетокот на месец септември, во очи на есента и новата учебна година, да биде викенд без плаќање на ДДВ за сите потреби на домаќинствата. Граѓаните ќе имаат можност во еден од финансиски најоптеретените месеци, олеснето да ги извршат сите потреби.
На овој начин, во голема мера ќе го олесниме животот на граѓаните, особено на ранливите категории, како и на припадниците на средната класа на чие враќање сме фокусирани со предлог мерките од програмата.
Ние нашите предлог мерки продолжуваме да ги промовираме пред граѓаните и ги очекуваме нивните оценки, сугестии и предлози. Заедно, да ја вратиме државата на вистинскиот пат”, изјави Спасовски.



