Бегалската и миграциската криза, како најгорливо прашање во моментов беше тема на разговор на денешната средба меѓу министрите за внатрешни работи на Македонија и Хрватска, Ранко Остоиќ и Оливер Спасовски, како високи претставници на хрватското Министерство и амбасадорката на Хрватска во Македонија, Данијела Баришиќ.

Министерот Остоиќ изрази загриженост за ново настанатата ситуација со мигрантската криза и со профилирањето на мигрантите во однос на вистински бегалци од земји зафатени со војна и економски мигранти, како и дуплирањето на регистрацијата од страна на сите држави на балканската рута.

Остоиќ го престави таканаречениот централизиран пункт во Славонски Брод, при што даде конкретни предлози за прием, регистрација и профилирање на бегалците, како и подготвеноста на Хрватска да и помогне на Македонија во поглед на бегалската криза.

Спасовски ја потенцира огромната потреба за меѓусебна координација и ја поддржа идејата за заедничко решение во врска со регистрацијата на мигрантите, како би се избегнало дуплирање на работите од страна на сите земји на балканската рута.

Темата за миграција и сите нејзини облици како најприсутна појава од интерес за сите земји од регионот и пошироко се најде на прво место и на Состанок на директори и шефови на криминалистичка полиција во рамките на македонското претседавање со Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа.

Борбата против трговијата со дрога, предизвика голем интерес како значаен проблем во регионот.

На состанокот учествуваа претставници од сите Договорни страни од Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Унгарија, Македонија, Молдова, Црна Гора, Романија, Србија и Словенија, како и претставници од меѓународни и регионални организации како ИОМ, ДЦАФ и КЕПОЛ.