– Полицијата е максикмално ангажирана со сите ресурси и капацитети, и не само при извршување на редовните актривности кои секојдневно мора да се исполнат, имаме исклучиво активности поврзани со справувањето со Ковид 19. Имаме моментално повеќе од 17 000 граѓани во изолација, имаме 800 лица во последните 24 часа, нови, во изолација. Сето тоа го контролира нашата полиција, секои 24 часа мораме да ги провериме сите овие граѓани. Со другите инспекторати мораме да делуваме на терен за да проверуваме дали се почитуваат мерките за заштита, како на пример во угостителските објекти, производствените погони и насекаде, дали се почитуваат мерките за лична заштита. Понатаму, во сите сектори имаме активности поврзани со проверки директно кон граѓаните, знаете имаше и до 1 000 казни во ден за неносење маски, но сега имаме значително намалување на казните што значи дека граѓаните станале поодговорни, изјави Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи во „Студио 10“ на ТВ 24.
Дополни дека МВР и натаму останува посветено на битката со пандемијата, особено сега кога е прогласена кризна состојба.
– Ќе останеме на сите овие точки каде што сме ангажирани и секаде онаму каде што ќе се процени дека има потреба. Укажувам дека и понатаму ќе се изрекуваат казни ако не се почитуваат мерките за заштита, затоа што казните не се насочени кон некого поединечно, туку преку казните го штитиме јавното здравје, секоја изречена санкција е насочена кон заштита на нашето здравје, здравјето на нашите семејства, едноставно на сите нас, рече Спасовски и апелираше максимално да се почитуваат мерките за заштита.