ВМРО-ДПМНЕ не треба да бега од дебата во Собранието за предлогот на СДСМ за разрешување на Трајко Вељаноски. Откако го окупираа медиумскиот простор, затвораат новинари, забрануваат протест, сега се обидуваат да спречат дебата во Собранието, изјави Оливер Спасовски, генерален секретар на СДСМ.
Тој коментирајќи ја реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ дека поднесувањето на ваква Одлука за разрешување на Вељаноски не значи и обврска таа да се стави на дневен ред, рече дека ова е потврда на она што СДСМ го зборува изминатите 7 години- дека ВМРО-ДПМНЕ е Устав и закон, Собрание и Влада, во оваа држава. И, бидејки тие се против таа одлука, нема да биде ставено на гласање.
СДСМ има деловничко право да поднесе предлог – Одлука за разрешување на Трајко Вељаноски. Бараме да се постапи според деловничкото право што го има опозицијата.
Спасовски ги образложи мотивите за ова барање:
1. На 17 октомври Вељаноски одби да ја стави на дневен ред Информацијата што ја побараа СДСМ и НСДП, да се расправа за активностите на Владата и институциите, за погазувањето на уставното начело на пресумпција на невиност и злоупотреба на притворот, по партиско-полициски упад во општината Центар, апсењето на претседавачот Шиповиќ и блокадата на општина Центар. Во меѓувреме се случи запрепастувачката казна за новинарот Кежаровски, за којашто реакции има од цел свет што ја дополни целата слика како функционира оваа партиско полициска држава.
2. Истиот овој собраниски претседател кој не дозволи да се расправа за ова, го нареди бруталното исфрлување на новинарите и пратениците од Собранието на 24 декември минатата година.
3. На државен празник собранискиот претседател Трајко Вељаноски одржа скандалозен партиски говор, во којшто ја обвини опозицијата за предавство на државните и национални интереси на РМ.
4. Сега Вељаноски повторно го суспендира системот.
Трајко Вељаноски нанесе доволно непоправливи штети на Законодавниот дом и на државата. СДСМ инсистира Вељаноски и ВМРО-ДПМНЕ да го почитуваат Парламентот и собранискиот Деловник и да го стават на дневен ред нашиот предлог – Одлука за разрешување на собранискиот претседател Трајко Вељаноски.



