Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, изјави дека писмото на Исламската верска заедница (ИВЗ) е уцена и дека Владата е спремна на дијалог, но не прифаќаат уцени.
„Сметаме дека заканите се неприфатливи од кого и да доаѓаат. Во случајов се работи за едно писмо на ИВЗ кое е сериозна уцена. Повикувам на сериозен пристап. Оваа Влада на чело со Зоран Заев покажа дека има сериозен капацитет за дијалог и разговор, во тој дух да разговараме со секого, но никако нема да дозволиме уцени од било кого“, изјави Спасовски.
Во дописот до Владата ИВЗ се жали на „бавната, селективна и дискриминаторска денационализација на вакуфскиот имот на штета на ИВЗ”. Од ИВЗ велат дека имаат проблеми со органите на државната власт, „кои ја попречуваат во грижата и секојдневна активност за одржување на верските објекти”.
„Особено сме засегнати со нерешавањето на статусот на верските објекти што се и културно наследство во село Лажец, Битола, и Хусамединпашината џамија во Штип, која е заведена на име на друга верска заедница, како и реконструкцијата на Алипашината џамија во Охрид, за кој објект постои соодветна и важечка градежна документација со средства обезбедени со странска донација, која отежнато се користи поради бирократскиот однос на надлежните државни институции“, велат од ИВЗ.
ИВЗ ѝдаде рок на Владата од 10 дена за да најде решение за посочените проблеми, а „доколку тоа не се случи, со овие состојби и проблеми на ИВЗ ќе бидат запознаени сите надворешни фактори во земјава и медиумите.
Од ИВЗ се закануваат дека пред почетокот на кампањата за претседателските избори, поради големиот притисок од страна на муслиманските верници ќе бидат принудени во 700 џамии во земјата да ги информираат верниците за оваа долготрајна дискриминација што се врши кон ИВЗ и нејзините членови.




