Енергетска безбедност и стабилна испорака на гас преку „Јужен тек“ ќе овозможи Спогодбата за соработка меѓу владите на Македонија и Руската Федерација, чија ратификација денеска ја разгледува Собранието.
При склучувањето на Спогодбата, истакна заменик министерот за надворешни работи Зоран Петров, во целост е запазена правната процедура.
– Целта на Договорот е обезбедување еколошки, поекономичен енергенс што ќе го поевтини природниот гас. Тоа ќе биде голем потенцијал за намалување на трошоците за работа на стопанските субјекти и оттука, за зголемување на конкурентноста на македонскто производство, рече Петров.
Јани Макрадули од СДСМ оцени дека со ратификувањето на Спогодбата, власта, следните 30 години, влегува во авантура драстично поразлична од европската политика во овој сегмент зашто за ЕУ, рече, приоритет е трансадриатик проектот, а не „Јужен тек“.
– Процесот на гасификација го следеа многу лажни ветувања и криминални активности, а ратификацијата е спротивна на законите. Со неа, на една компанија ќе и се овозможи да увезува по повластена цена, да добива јавни набавки по приоритет и сама да ја дефинира цената, рече Макрадули.
– Во договорoт се наведува при случаен спор дека нема да бидат надлежни македонските судови, туку ќе се формира меѓународен арбитрарен суд кој ќе ги решава споровите. Со тоа, но и со целокупниот текст на договорот, Македонија и нејзините граѓани стануваат заложници на една компанија во случајот „Гаспром“, рече Марјанчо Николов од СДСМ.
Заменик – министерот за финансии Ардијан Џеладини во својата дискусија ги обвини
пратениците од СДСМ дека користат сомнителни информации за да го дискредитираат проектот за изградба на кракот на Јужен тек за Македонија.




