СДСМ продолжува со ширење лаги и невистина, а единствена цел им е манипулирање со законите и законските процедури во Македонија, реагираат од Министерството за култура откако портпаролот на Социјалдемократскиот сојуз, Петре Шилегов соопшти дека неговата партија поднесе кривични пријави против министерката Канческа-Милевска, поранешниот градоначалник на Центар, Владимир Тодоровиќ и претходните советници на ВМРО ДПМНЕ во Центар.
– Сакаме да информираме дека согласно Законот за меморијалните споменици и спомен-обележја во член 5 јасно и децидно стои кој може да поднесе иницијатива за подигање меморијален споменик и спомен обележје, а тоа се сите физички лица и правни лица. Под физички лица се подразбираат сите граѓани на РМ, а под правни лица сите правни субјекти во РМ (државни институции, установи, здруженија на граѓани, трговски друштва и тн). Значи согласно Законот за меморијалните споменици и спомен-обележја секој може да поднесе иницијатива за подигање на меморијален споменик и спомен-обележје.
Поднесувањето на иницијативата не претставува кривично дело. Иницијативата по својата суштина е демократско право на сите во Република Македонија. Забраната за поднесување на иницијативи е спротивно на демократските процеси и е одраз на тоталитарниот ум кој сеуште владее во СДСМ, стои во реакцијата на Министерството за култура.
Од одделението за односи со јавност на Министерството велат дека најавата од СДСМ за покренување на кривична пријава претставува уште една убава можност во судска постапка еднаш засекогаш да се разобличат безочните лаги со кои СДСМ и нејзиниот портпарол веќе подолго време ја манипулираат македонската јавност.




