Европскиот екперт Питер Ван Хојт синоќешната средба на работните групи за договорот од Пржино, на која се разговараше за специјалниот обвинител, ја оцени како многу интересна и солидна дискусија.
„Денеска не можам да дадам никаков коментар имаше многу интересна, многу солидна дискусија, но, не можам ништо да коментирам, извинете заради тоа“, рече накратко Ван Хојт по средбата.
Состанокот на работните групи на четирите најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА за специјалниот јавен обвинител заврши по неполни два часа, а по средбата претставниците на политичките партии заминаа без да соопштат детали.
Преговорите за специјалниот обвинител продолжуваат во петок кога партиите ќе разговараат за законската рамка, како и за изборот, функционирањето и надлежностите на специјалниот обвинител кој ќе биде задолжен за прислушуваните разговори и случајот „Пуч“.
Според договорот од Пржино специјалниот јавен обвинител ќе треба да ги истражува сите сомневања што произлегуваат од прислушуваните разговори на високи државни функционери, кои ги објавува опозицијата од февруари годинава.
Специјалниот јавен обвинител треба да биде избран најдоцна до 15 септември, две недели по враќањето на опозицијата во Собрание.




