Спорот за името беше главна тема на средбата на македонската парламентарна делегација на чело со претседателот на Собранието Трајко Вељаноски со Генералниот секретар на ООН Бан Ки-мун.

„Оваа средба е своевидно продолжение на средбата која ја имавме, заедно со амбасадорот Метју Нимиц лани во јули. Во оваа прилика ја искористив можноста да му изразам благодарност на Бан Ки-мун за неговиот активен и клучен придонес за придвижување на разговорите за решавање на спорот кој го имаме со нашиот јужен сосед Република Грција, и за значењето за што поскорешно решавањето на ова прашање за наше интегрирање во Европската Унија и во НАТО структурите“, изјави Вељаноски.

Првиот човек на македонскиот Парламент, освен на Бан ки Мун желбата за поблиска соработка со грчкото Собрание, минатата недала му ја пренел и на новиот грчки амбасадор во Македонија, Теохарис Лалакос, како продолжение на иницијативата со која тој кон крајот на минатата година му упатил покана за средба и соработка на својот грчки колега Евангелос Меимаракис.

Од грчка страна на поканата било одговорено позитивно, но во време кога ќе се создадат услови за тоа.