Иако Белград не потврди формална државна погребна церемонија, останките на осудениот воен злосторник беа пренесени со авион на Владата, придружувани од министерот за правда и преземени од припадници на Војската на Србија. Комеморацијата во Домот на војската, со присуство на функционери од Србија и Република Српска, предизвика нови осуди и предупредувања дека Србија институционално го велича човекот осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства, пишува во анализата под наслов „МРАЧЕН ЧИН: Србија го пречека ковчегот на воениот злосторник Младиќ со владин авион, војска и институционални почести“ од Медиумската опсерваторија на ЦИВИЛ објавена денеска.
Министерот Вујиќ непосредно по смртта на Младиќ најави дека тој ќе биде погребан „со највисоки државни и воени почести“, со образложение дека „протоколите за генералите се познати“.
По острите реакции од регионот и од европските институции, Владата на Србија не потврди дека погребот формално ќе има статус на државен. Сепак, начинот на кој беа пренесени и пречекани останките – со владин авион, присуство на министер, ангажирање на Војската на Србија, државни и ентитетски знамиња, полициска придружба и прием во Воено-медицинската академија – му даде државен и институционален карактер на целиот чин.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека очекува десетици илјади луѓе на погребот и дека државата ќе обезбеди логистичка, транспортна и безбедносна поддршка. Подоцна рече дека аранжманите ги прави семејството, но додаде:
„Направив сè што можев погребот да помине како што треба“, без да објасни на што конкретно се однесува неговата помош.
На 5 септември во Домот на војската во центарот на Белград беше одржана комеморација, формално организирана од здружение на пензионирани генерали, но во објект на Војската на Србија и со присуство на министерот Вујиќ и повеќе функционери.
Дел од опозициските партии и граѓанските организации во Србија оценија дека државните почести претставуваат навреда за жртвите и продолжување на политиката на негирање на злосторствата од деведесеттите години.
Претседавачот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, потсети дека пресудата против Младиќ останува непроменета, без оглед на политичките обиди таа да се релативизира. Премиерот на Федерацијата БиХ, Нермин Никшиќ, порача дека смртта на Младиќ „не ја менува вистината, ниту ја намалува одговорноста утврдена со пресудите“ и дека тој починал како она што бил правосилно осуден – воен злосторник.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ предупреди дека организирањето државен погреб за Младиќ би било еднакво на тоа Србија „самата да си ја затвори вратата кон Европската Унија“.
ЦИВИЛ – Центар за слобода уште на 30 август предупреди дека најавените државни и воени почести, доколку бидат реализирани, ќе претставуваат „директна институционална глорификација на човек осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства“.
Организацијата во своите соопштенија на 30 август, 1 септември до Владата, потсетувањето на 2 септември, како и повикот до ЕУ (2 септември) за конкретни санкции против глорификацијата на военито злосторник, најостро го осуди доминантниот наратив на официјален Белград, во кој Младиќ се претставува како жртва, а меѓународните судови и Западот како негови прогонители.
Според ЦИВИЛ, таквата политика не им служи на граѓаните на Србија, туку на авторитарните и националистичките структури што со децении ги користат војните, жртвите и историските трауми за одржување на политичката моќ и создавање нови поделби.
„Величањето на Ратко Младиќ е напад врз жртвите, вистината и демократскиот поредок“, порача ЦИВИЛ.
Од организацијата нагласуваат дека осудувањето на Младиќ не претставува непријателство кон српскиот народ, туку солидарност со демократските организации, независните медиуми, интелектуалците, активистите и граѓаните во Србија што се спротивставуваат на национализмот и негирањето на геноцидот. ЦИВИЛ побара европските институции конкретно да ги регистрираат и санкционираат случаите на институционална глорификација на воени злосторници.
Организацијата побара од Владата на Северна Македонија и од нејзиниот претседател Христијан Мицкоски да ја осудат глорификацијата на Младиќ и да утврдат политичка, институционална и законска одговорност за јавната поддршка на воениот злосторник. Тука спаѓаат и објавите на Демократската партија на Србите во Македонија, на нејзиниот претседател, коалициски партнер и министер во владата на Мицкоски, Иван Стојиљковиќ, на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ и други.
ЦИВИЛ на својата медиумска платформа објави повеќе содржини поврзани со оваа тема, како што е текстот „Смртта на Ратко Младиќ: Крај за еден воен злосторник, но не и за негирањето на вистината“ објавен ден по смртта на хашкиот осуденик“ од Џабир Дерала, во кој се пренесени и реакциите во јавноста непосредно по веста за смртта на воениот злосторник, како и анализата „Смртта на Младиќ како Прокрустова постела за балканските политичари“ од Љубомир Костовски.
Важно е да се забележи дека, со исклучок на само неколку редакции, најголем дел од медиумите во земјава ги игнорираа соопштенијата на ЦИВИЛ.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос ја откажа планираната посета на Србија поради величањето што ја следи смртта и враќањето на останките на Младиќ.
„Ратко Младиќ беше осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства. Враќањето на неговите останки во Белград ја потсетува Европа на најтемните страници од нашата понова историја“, порача Кос.
Таа нагласи дека глорификацијата е неспоива со вредностите врз кои се темели европскиот пат – соочување со минатото, вистинско помирување и почитување на жртвите. Вучиќ нејзиното образложение го нарече „кратко и глупаво“ и праша дали од Србија се очекувало да го забрани погребот.
Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти, ги повика властите во Србија и во Република Српска да му се спротивстават на величањето на осудените воени злосторници, нагласувајќи дека таквото величање не е заштитен говор според Европската конвенција за човекови права.
Меѓународниот резидуален механизам за кривични судови, кој на 3 септември им ги предаде останките на најблиските роднини на аеродромот Ротердам-Хаг, ја повтори солидарноста со жртвите, преживеаните и нивните семејства и ја осуди секоја постапка со која се величаат лица осудени за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид.
Младиќ беше правосилно осуден во 2021 година за геноцидот во Сребреница, прогоните и присилното преместување на Бошњаците и Хрватите, тероризирањето на цивилното население за време на 43-месечната опсада на Сараево и земањето припадници на ОН како заложници. Тој почина на 27 август во притворската единица во Хаг, на 84-годишна возраст, додека ја издржуваше доживотната затворска казна.
Целата анализа е достапна на овој ЛИНК.




