Лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска има средба во Атина со грчкиот заменик-премиер и министер за надворешни работи Венизелос.
Пред средбата Ахмети за “Вест” изјави дека целта на неговата дипломатска активност е да се избегне изолација и да се обезбеди интеграција.
-Сметам дека Македонија се наоѓа пред историски избор од два правци: интеграција или изолација. Изолацијата носи голема ранливост и неизвесна иднина за сите нас додека интеграцијата носи безбедна иднина и ни обезбедува напредок. Јас и моите сопартијци ја одбравме интеграцијата и затоа вчера бев во Вашингтон, а денес се наоѓам во Атина и решен сум да одам секаде каде што е потребно за да се постигне оваа највисока цел и притоа ние само ја вршиме нашата работа затоа што тоа претставува наша обврска“, изјави претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
За НОВА, шефот на кабинетот на Ахмети, Артан Груби пред два дена ги откри поентите и мотивите за средба Ахмети- Венизелос:
-Интензивната и сеопфатна кампања на престедателот Ахмети, како и сите нас во ДУИ за решавање на сите прашање кои рпетставуваат пречка кон нашиот пат кон Брисел, која започна со колумната на Ахмети “Време е за НАТО” , како и со посетите во САД, Германија, Албанија и Бугарија, продолжува официјална посета на Грција каде што Ахмети ќе се сретне со заменик- премиерот и шеф на дипломатијата Венизелос, придружуван од Муса Џафери и Артан Груби.
Нашите активности за да се помогне интегрирањето на Македонија во НАТО и ЕУ секако не запираат тука, туку ќе продолжат и во други пријателски земји кои се готови да ни помогнат да се зачлениме во евро-атланската заедница, изјави Груби за НОВА.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пред два месеци испрати писма до претставниците на меѓународната заедница, во кое се бараше поддршка за решение на името, со цел да се придвижи земјата кон НАТО.
Писмата се испратени до поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, Јап де Хоп Шефер, Хавиер Солана, кој беше висок претставник на ЕУ за надворешна политика, како и до Питер Фејт, Ник Бигман, Џејмс Пердју, Франсоа Леотар, Ален Ле Рој, Кристофер Хил, Филип Гордон, Николас Барнс и многу други.
Али Ахмети, лидерот на ДУИ во колумна во средината на април во Дневник повика на решение на името и конечно, влез во НАТО, што всушност е и насловот на оваа колумна -“Време е за НАТО”
Oколу решението за името Ахмети вели: “Ако некој се повикува на зрелост, патриотизам, граѓански интерес, рационалност, а зошто и да не и на идентитетска определеност, велам дека не треба да имаме повеќе ниту една дилема дека токму сега е моментот Република Македонија и нејзините граѓани, со тие што ги носат одлуките да го направат потребниот чекор.
За некого, ова може да биде чувствително, идентитетско прашање. Но, како што нагласив, за една земја, определбата со какви вредности посакува да живее и да се претставува, исто така преставува дел од идентитетот.”
Оттука, тој бара голема одлука за која треба храброст: “За секоја голема цел, треба да се донесе и една голема одлука. И за двете работи, потребна е храброст. Заедничка храброст.
Ние имавме трпение, разбирање за чувствата на мнозинството, за чуствителноста и одговорноста на нашите политички владејачки партнери, но и регионално и меѓународно разбирање.
Чекавме со голема одговорност и разбирање. Но, дојден е момент кога не треба да отсуствуваат храброста и одлуката за да се направи с` што е наша одговорност за да ја отстраниме секоја пречка за да бидеме таму каде што треба да бидеме – во Северноатлантскиот сојуз.
За нас, оваа одлука не може да има алтернатива”, напиша Ахмети во колумната.




