Преставничката на ОБСЕ за медиуми Дуња Мијатовиќ денеска на разговорите за медиумските состојби во Македонија со новинарските здруженија, беше запознаена со исклучително тешката и нефункционална медиумска состојба, изјавија за НОВА лидерката на Синдикатот Тамара Чаусидис и директорката на МИМ, Биљана Петковска.
Во агендата се средби со ресорниот министер Ивановски и премиерот Никола Груевски.
На пладневната средба на која присуствуваше ССНМ и претставник на ЗНМ, и МИМ се разговараше за актуелните медиумски состојби и за опциите за функционирање на медиумската сфера.
Синдикатот на новинарите и медиумските работници преку конкретни примери укажа на постојаното кршење на синдикалните права, економската зависност во слободите на новинарите, како и за постојаните притисоци кои се вршат врз медиумите од одредени центри на моќ.
Претседателката на ССНМ Тамара Чаусидис на средбата го спомнала и односот на институциите кон медиумските организации и фаворизирањето на одредени здруженија и ставање во привилигирана ситуација, како и игнорантскиот однос кон синдикалното организирање.
Чаусидис за НОВА ги образложи поентите од средбата:
-Ја искористивме можноста уште еднаш на Мијатовиќ да и ја пренесема ситуацијата во која функционираат медиумите и новинарите во оваа земја. Нашата позиција во таа смисла е јасна – слободата на медиумите и изразувањето не е прашање на закони, процедури и формални бројки туку е суштествено прашање кое професионалците меѓу нас ги доведува до раб на опстанок.
Тоа најдобро се се отсликува преку фактот дека имаме селективно финансирање на медиуми преку владини реклами, селективна правда која критичките медиуми ги суди и осудува на високи казни, професионалните новинари ги прогласува за технолошки вишок, а истражувачкото новинарство го го дискредитира и комплетно брише од јавниот дискурс во кој доминира пропаганда и говор на омраза.
Секое инсистирање на конструктивност во ситуација на нескриена агенда за убивање на новинарството сфатено како критичко промислување на општеството е предавство на легитимното право на јавноста за точно и вистинито информирање. А тоа е она што нам ни се случува.
Односот на власта кон критичките медиуми, кон новинарските организации кои посочуваат на неправилностите само го потврдува тоа, и тоа е она што денеска со конкретни примери и аргументи и го презентираше Синдикатот на Мијатовиќ, изјавува Чаусидис.
Македонскиот институт за медиуми на денешната заедничка средба со преставникот на ОБСЕ за медиуми Дуња Мијатовиќ, го презентирал проблемот со владините реклами кои ги преплавија медиумите.
Мијатовиќ била запознаена со фактот дека најголем огласувач е токму Владата. МИМ во ова гледа поткопување на независноста и објективноста и неможноста критички настроен медиум кој професионално известува да си ја врши својата основна задача правилно информирање на јавноста.
За поентите од разговорот, Биљана Петковска за НОВА со детали:
-Разговаравме за состојбата со медиумите по донесувањето на новите закони и за проблемите кои и понатаму оневозможуваат развој на плуралистичка, демократска и пазарно одржлива медиумска сцена.
Подетално ги елабориравме проблемите околу нефункционирањето на медиумскиот пазар и доминацијата на државното рекламирање, состојбата со работничките права во редакциите, проблемот со тужбите против редакциите согласно новиот закон за навреда и клевета како и очекувањата од новоформираното тело за медиумска саморегулација.
ЗНМ беше претставен од извршниот директор Драган Секуловски кој ги презентираше активностите на Здружението, информирајќи за саморегулацијата.
Мијатовиќ најави дека своите заклучоци ќе ги презентира по средбите со Груевски и Ивановски во среда, на прес-конференцијата.




