Медиумите тема на средбата на премиерот Никола Груевски со претставничката на ОБСЕ за медиуми, г-ѓа Дуња Мијатовиќ, која утре ќе одржи прес-конфернција за својата дводневна посета на Скопје.
Премиерот ја истакна подготвеноста и отворената волја на Владата активно да продолжи да придонесува за подобрување на стандардите во областа на медиумите посочувајќи дека со носењето на решенијата за Законот за медиуми и Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е направен значителен чекор напред во тоа поле.
Груевски истакна дека примарната задача на новите законски решенија е обезбедување и поттикнување на развој на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, како и развој на медиумската сфера и независната продукција, поттикнување на културата на јавен дијалог во насока на заштита и поттикнување на творештвото, слободата, образовниот и научниот развој.
Претставничката за медиуми на ОБСЕ, г-ѓа Дуња Мијатовиќ го поздрави носењето на таквите законски решенија, истакнувајќи дека компаративно гледано спаѓаат меѓу подобрите во регионот. Истовремено, посочи дека преостанува процесот на нивна имплементација што ќе зависи од волјата, капацитетите и подготвеноста на сите чинители во тој процес.
Ова е прва средба на Груевски и Мијатовиќ по преписката која ја имаа во август годинава, а e предизвикана од настаните поврзани со случајот Кежаровски.
Мијатовиќ во нејзиното писмо до Премиерот реагираше за притворот кој му беше одреден на новинарот Кежаровски и воедно побара да и биде одобрена посета.
„Затворање новинари за нивни текстови не е прифатливо за едно демократско општество. Ова е единствениот случај во регионот на Западен Балкан, новинар да е во затвор во очекување на судски процес. Јас сум загрижена и за неговото апсење и за прекумерно долгиот притвор, што има негативно влијание врз слободата на медиумите во вашата земја“, напиша во писмото до премиерот Груевски, Дуња Мијатовиќ.
Таа на вчерашните средби со претставници на ССНМ, ЗНМ и МИМ разговараше за актуелните медиумски состојби и за опциите за функционирање на медиумската сфера.
Синдикатот на новинарите и медиумските работници преку конкретни примери укажа на постојаното кршење на синдикалните права, економската зависност во слободите на новинарите, како и за постојаните притисоци кои се вршат врз медиумите од одредени центри на моќ.
Претседателката на ССНМ Тамара Чаусидис на средбата го спомнала и односот на институциите кон медиумските организации и фаворизирањето на одредени здруженија и ставање во привилигирана ситуација, како и игнорантскиот однос кон синдикалното организирање.
„Ја искористивме можноста уште еднаш на Мијатовиќ да и ја пренесема ситуацијата во која функционираат медиумите и новинарите во оваа земја. Нашата позиција во таа смисла е јасна – слободата на медиумите и изразувањето не е прашање на закони, процедури и формални бројки туку е суштествено прашање кое професионалците меѓу нас ги доведува до раб на опстанок“, рече Чаусидис за НОВА.
Тоа најдобро се се отсликува преку фактот дека имаме селективно финансирање на медиуми преку владини реклами, селективна правда која критичките медиуми ги суди и осудува на високи казни, професионалните новинари ги прогласува за технолошки вишок, а истражувачкото новинарство го го дискредитира и комплетно брише од јавниот дискурс во кој доминира пропаганда и говор на омраза.
Македонскиот институт за медиуми на денешната заедничка средба со преставникот на ОБСЕ за медиуми Дуња Мијатовиќ, го презентирал проблемот со владините реклами кои ги преплавија медиумите.
Мијатовиќ била запознаена со фактот дека најголем огласувач е токму Владата. МИМ во ова гледа поткопување на независноста и објективноста и неможноста критички настроен медиум кој професионално известува да си ја врши својата основна задача правилно информирање на јавноста.
„Разговаравме за состојбата со медиумите по донесувањето на новите закони и за проблемите кои и понатаму оневозможуваат развој на плуралистичка, демократска и пазарно одржлива медиумска сцена“, рече Биљана Петковска за НОВА.
Претставничката на ОБСЕ, г-ѓа Дуња Мијатовиќ информираше дека Република Македонија ќе биде домаќин на регионалната медиумска конференција која ќе се одржи во Скопје.




