Грчкиот вицепремиер и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос денеска Вашингтон на средба со американскиот државен секретар Џон Кери ќе разговара за билатералните односи и меѓународни теми, како и прашања поврзани со грчкото претседавање со Европската унија.
Се очекува на разговорите да биде разгледано и прашањето за учеството на Грција во операцијата за уништување на хемиското оружје на Сирија.
Вчера најголемата опозициска партија во Грција, Сириза ја обвини грчката Влада дека води тајна надворешна политика, истакнувајќи дека партиите треба подетално да се информирани за состаноците како што овој во Вашингтон, на кој ќе се разговара и за името на Македонија.
Во тој контекст, Рена Дуру од Сириза, која е одговорна за надворешна политика, побара итен состанок на Националниот совет за надворешна политика, потсетувајќи дека последниот состанок е одржан пред два месеци и оти партиите требало да дискутираат пред средбата на Венизелос со Кери.
По изјавата на Дуру, дојде експресна реакција од ПАСОК во која партијата ја повика пратеничката наместо да изразува загриженост за вештачката надворешната политика, да му каже на лидерот на Сириза, Ципрас дека надворешната политика подразбира консензус и сериозност.
„Кога Ципрас одлучи да не присуствува на церемонијата по повод преземањето на претседателството со ЕУ од страна на Грција, со што ја поткопа националната политика, за каква тогаш одговорност зборуваме?“, се истакнува во соопштението на ПАСОК.