Делегација на СДСМ, предводена од претседателот Зоран Заев, денеска оствари средба со делегација на ОБСЕ/ОДИХР, предводена од амбасадорот Герт Хинрих Аренс, Шеф на набљудувачката мисија за локалните избори 2013 г.
На средбата се разговарало за изборниот процес во земјава, со акцент на проблемите кои се појавуваат и се повторуваат во него.
Како и за нецелосната имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР во Изборниот Законик, а беше потврдена констатацијата дека за нашата земја сериозен предизвик се фер и демократски избори. Се осврна внимание и на нерегуларностите на локалните избори, особено на увезените гласачи од Пустец, заплашување на гласачите, злоупотреба на државни институции и сл.
Амбасадорот Аренс истакнал дека најважна е политичката волја од сите политички субјекти во земјава да се следат и целосно да се имплементираат препораките на ОБСЕ/ОДИХР и дека за добивање добра правна рамка за Изборниот Законик од суштинска важност е сите препораки да бидат имплементирани.
Членовите на делегацијата на ОБСЕ/ОДИХР нагласија дека мора да постои јасна поделба помеѓу ингеренциите на партијата на власт и државните институции, бидејќи само така може да се отстранат можностите за злоупотреба на власта.
Делегацијата на СДСМ истакна дека нема приоритетни препораки, туку дека сите препораки претставуваат приоритети. Дословното следење на препораките е круцијално за постигнување на целта, а тоа се фер и демократска атмосфера во која би се спроведувале избори, стои во соопштението на СДСМ.




