Партиска делегација на СДСМ, предводена од Претседателот Зоран Заев, денеска оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Бугарија, Кристијан Вигенин.
Реформи, дијалог и определеност кон подобрување на добрососедските односи се клучни за Република Македонија и напредок во интегративниот процес. Оваа порака ја пренесе
министерот за надворешни работи на Република Бугарија Вигенин до Претседателот на СДСМ Зоран Заев и заменик претседателката Радмила Шекеринска.
Нашите земји мора да соработуваат за да се продлабочат односите и да се прати позитивен
сигнал кон сите. Политичките поени не се дозволени кога станува збор за интересите на
граѓаните, се согласија двете страни.
Напредокот на Република Македонија кон ЕУ беше една од темите на средбата. Беше акцентирано дека не постои друга алтернатива освен членството во Европската унија, и дека тоа е иднина која треба да се обезбеди за сегашните и идните генерации.
Заеднички беше акцентирано значењето на политичкиот дијалог со надеж дека истиот ќе
продолжи околу клучните прашања кои се во интерес на Република Македонија и нејзините
граѓани. Претседателот Заев ја нагласи улогата на СДСМ во деблокирањето на политичкиот дијалог, расветлувањето на настаните од 24 Декември, и додаде дека Социјалдемократскиот сојуз и понатаму ќе биде посветен на прашањата кои се важни за нашата земја со цел Република Македонија да се движи напред, соопштуваат од СДСМ.
Претседателот Заев изрази надеж за поддршка на Република Бугарија за евро – интегративниот процес на Република Македонија.




