Во ек на туристичката сезона Крушево се соочува со недостиг на вода. Неколкудневните рестрикции ги налутија крушевчани, бидејќи и покрај бројните ветувања, проблемот со водоснабдувањето им се повторува секоја година. Вината за повеќегодишниот проблем граѓаните ја лоцираат кај локалната самоуправа и јавното комунално претпријатие.
Нивниот револт е уште поголем од причина што оваа година Крушево е прогласен за град на културата, манифестација чиј покровител е Министерството за култура на Република Македонија.
Градоначалникот на Општина Крушево Ѓорги Дамчески вели дека се работи за сложен проблем кој трае повеќе години и кој ЈКП „Комуна“ не може да го реши без помош од државата. Тој потенцира дека локалната самоуправа имала проект за обезбедување вода од дополнителни извори, но и тука помошта од државата била неопходна.
Директорот на ЈКП „Комуна“ Велко Крстески ги демантира шпекулациите дека исклучувањето на струјата во пумпната станица заради неплатен долг кон ЕВН била причина за последните рестрикции на водата. Проблемот бил надминат и во летниот период крушевчани немало да имаат проблем со недостиг на вода, тврди Крстески.
„Се работеше за технички проблем на пумпната станица во село Норово кој за неколку денови беше отстранет, така што градот сега повторно има вода. Факт е дека јавното претпријатие има неплатен долг кон ЕВН и кон МЕПСО. Тоа е проблем кој ние самите не можеме да го решиме, па затоа очекуваме истиот да биде разрешен со договор помеѓу градоначалникот и владата“, вели Крстески.
Според зборовите на директорот Крстески, висината на месечните сметки за потрошена електрична енергија на ЈКП „Комуна“ се движат помеѓу 400.000 и 600.000 денари. Доколку дојде до реализација на проектот за зафаќање на водите од изворите кои се наоѓаат во атарот на Општина Македонски Брод, тие нема да бидат повисоки од 50.000 денари.
„Водата од овие извори во Крушево би доаѓала по гравитационен пад, што значи дека нема да има потреба од нејзино пумпање, со што ќе направиме заштеда на трошоците за електрична енергија. На тој начин ќе можеме да го санираме долгот кон ЕВН“, убеден е Крстески.
Претседателот на крушевските социјалдемократи Трајче Калески причините за проблемот со водоснабдувањето ги гледа на друго место. Тој вели дека недомаќинското работење на јавното претпријатие, како и негрижата која државата ја покажува за животот на граѓаните на Крушево достигнале загрижувачки размери.
„Обврските на ЈКП „Комуна“ кон МЕПСО изнесуваат 7.421.155, а кон ЕСМ/ЕВН 12.376.620 денари. Само во периодот од 2012 до 2013, долгот е зголемен за 3.000.000 денари, додека за истото тоа време направени се трошоци за репрезентација од 427.745 денари. Бројката од 31 вработен во 2009 година, денес е речиси двојно зголемена. Што е тоа ако не класичен недомаќинлак?“, прашува првиот крушевски социјалдемократ, Калески.
Решението на проблемот со водоснабдувањето на Калески го гледа во изнаоѓање нови извори на вода. На тој начин не само што јавното претпријатие ќе ги намали трошоците за електрична енергија, туку истовремено ќе се намали и зависноста од количините на вода кои Крушево ги добива од регионалниот водовод „Студенчица“.
„За 5 години локална и 8 години централна власт, ВМРО-ДПМНЕ ништо не направи да го подобри животот на крушевчани. Ниту еден значаен проект, ниту една капитална инвестиција не дојде во Крушево. Од тие причини, наместо денес да зборуваме за зголемена туристичка понуда, ние утрешниот ден го чекаме со неизвесност дали ќе имаме вода за пиење“, вели претседателот на Општинската организација на СДСМ од Крушево, Трајче Калески.




