Бојкотот на формалната настава во дел од средните училиштата продолжува. Средношколците со воннаставни активности ги бојкотираат сите часови и во двете смени во училиштата и се решителни во намерата преку бојкот да го натераат ресорниот министер да ги повика на дебата, а потоа да ги повлече и измените во полагањето на државна матура.
Освен укинувањето на математика како задолжителен предмет за полагање при државна матура, средношколците бараат да се врати стариот концепт на полагање државна матура, односно да се отфрли електронското тестирање кое според нив е нефункционално и да се сопре екстерното тестирање.
Во скопските училишта бојкотот продолжува во сите гимназии. Освен во Скопје, средношколците бојкотираат и во Куманово, Тетово, а oд денеска на бојкотот се приклучува и средното техничко училиште „Ѓорѓи Наумов” од Битола.
Кумановските средношколци од рано претпладнето почнаа со потпишување петиција за исполнување на нивните барања. Тие бараат поддршка од граѓаните за укинување на лошите реформи во образованието и да не се полага математика на државна матура.
„Пред сите средни училишта се поставени штандови, каде граѓаните можат да се потпишуваат и да дадат поддршка на нашата иницијатива. Има одзив кај граѓаните. Никаква информација немаме од МОН, ниту потврдна ниту негативна за нашето барање да не повикаат на разговор“ – велат од Средношколскиот пленум.
Од Пленумот апелираат до професорите и директорите да не вршат притисок врз учениците.
-Пленумот го замолува училишниот персонал да ги елиминира притисоците кои беа вршени врз учениците изминатата недела. Бојкотот ќе продолжи и во најлошите услови бидејќи имаме право да го искажеме нашето незадоволство. Бојкотот ќе се спроведува по планираните агенди освен ако тоа не ни биде оневозможено (агендите вклучуваат едукативни и забавни активности за сите ученици). Ние средношколците, говориме во еден глас и тој глас ќе биде слушнат – велат од Средношколскиот пленум.
* Средношколци: Бојкотот ќе трае додека Адеми не нè повика на средба




