Вкупно 20 вработени во Управата за јавни приходи, меѓу кои и раководители во Регионалната дирекција Скопје, како и повеќе бизнисмени, меѓу кои главен осомничен е бизнисмен – српски државјанин, се уапсени во вчерашната акција за голема даночна измама тешка 4,8 милиони евра. Акцијата ја спроведоа Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и Управата за финансиско разузнавање, по претходно добиени информации од Агенцијата за национална безбедност (АНБ).
Истражителите од ОЈО ГОКК, заедно со МВР, вчера до доцна вечерта вршеа претреси на 16 локации низ државата. При претресите биле пронајдени и одземени фиктивна документација, пари, оружје и лажни печати од фирми, а сите осомничени се лишени од слобода.
Кoja била шемата?
Првоосомничениот, српски државјанин, сопственик и управител на две фирми, заедно со двајца службеници од Регионалната дирекција на УЈП во Скопје, во 2023 година формирале организирана група со цел вршење кривични дела – даночно затајување, даночна измама, перење пари и злоупотреба на службена положба.
Во периодот од 2023 до 2025 година, на групата ѝ се приклучиле и други сопственици и управители, како и вработени во фирми од Скопје и Гевгелија. Според информации, првоосомничениот имал фирми и во Македонија и во Србија, додека другите сопственици барале поврат на ДДВ во име на нерезидентни, односно странски правни лица.
-Со прикажување неточни податоци во даночните пријави и со помош од даночни службеници од УЈП, во периодот 2023–2024 година првоосомничениот избегнал плаќање данок во износ од 11.593.403 денари.
Останатите осомничени сопственици и управители на правни лица со лажни пријави побарале, а осомничените вработени им одобриле неосновано враќање данок за нерезидентни правни лица со што е нанесена штета на буџетот во износ од 31.175.168 денари.
Дополнително, дел од осомничените во истиот период вршеле трансфер и подигање парични средства со цел прикривање на потеклото на парите прибавени со кривични дела, во вкупен износ од 91.985.197 денари.
Досегашните прибрани докази упатуваат дека осомничените вработени во УЈП – Регионална дирекција Скопје, од кои дел на високи раководни позиции, со повеќекратни злоупотреби на службената положба, нанеле вкупна штета на Буџетот на РСМ од најмалку 162.980.076 денари – соопшти Обвинителството.
Притвор и мерки на претпазливост
За десет осомничени Обвинителството бара определување притвор. Двајца од нив веќе се во притвор во предмет поврзан со злоупотреби на ИПАРД фондовите, а за другите Кривичниот суд ќе одлучува во текот на денот. За останатите десет се бараат мерки на претпазливост, при што на деветмина веќе им се определени мерки.
Извор: Слободен печат. мк




