После најавата на министерот за рударство Милан Бачевиќ дека Србијаникл наскоро ќе започне со истражување на руда во околината на Трстеник се огласи режисерот Емир Кустурица.
„Нема подобар начин за да се уништат градовите, регионите, па и цела Србија од експлоатацијата на никел“, ја пренесува kurir-info.rs, изјавата на Кустурица.
Славниот режисер веќе еднаш преку голема медиумска акција вложувајќи го сопствениот авторитет успеа да ја одложи оваа еколошки крајно проблематична работа, зад која стои моќниот Јуропиен никл. Сепак компанијата Србијаникл деновиве ја известила локалната самоуправа во Трстеник дека започнува со работа.
На подрачјето за кое Србијаникл тврди дека има право за експлоатација се наоѓаат десетина села долж реката Морава (Дубље, Попина, Брезовица, Грона Црнишава, Јасиковица, Буче, Левиќи, Округлица, Риџевштица, Велуце), каде живеат 8.000 луѓе, кои во случај на експлоатација на руда ќе мора да бидата раселени.
„Не е тоа пустина во Австралија, туку најубавиот дел на Србија, каде има инфраструктура, градови, извори на вода. Изворите сами по себе се доволно богаство поради кое мора да го запреме тој циркус“, реагира претседателката на Одборот за заштита на животната средина на Српското собрание, Милица Војиќ Марковиќ.
И покрај владините негирања дека истражувањата не се штетни по човековото здравје претседателот на општина Трстеник, Мирослав Алексиќ се повикува на македонското искуство со ископување и преработка на никел.
„Во Кавадарци кое неодамна го посетивме, концентрацијата на недозволени супстанци и честички во воздухот е три пати над дозволеното, а рудата не ја земаат од Кавадарци, туку доаѓа од Индонезија и Гватемала. Прашувам кој е тој кој сака да отвори рудник по долината на Морава и топилница па да бидеме како Македонија, јаловината да се трупа во центарот на градот, вели Алексиќ.
Проблематична е и дозволата за истражување на рудата која ресорното министерство и ја дало на компаниајта Србијаникл. Додека министерот за рударство Милан Бачевиќ тврди дека таа дозвола е издадена уште во времето на неговиот претходник Оливер Дулиќ 2008-ма, во општината велат дека таа истекла во декември минатата година.




