Неуспешниот воен удар во Турција, ја подели и растресе интелектуалната мисла во оваа земја- дали воениот удар воопшто може и смее да се смета како демократско решение и средство?

Главниот аргумент на македонскиот контра камп е недопустивост на уривање на демократските институции и носители на функции избрани преку демократски пат, токму преку воена сила.

Про кампот силно им се спротивставува на ваквите загрижени бранители на демократијата, темелејќи ги аргументите  врз надежта дека токму армијата може (но и не мора да биде осамена во операцијата, таа може да биде поддржана од останатите опозициски сили) да се пресмета со недемократските функционери (Ердоган), со воспоставените и одржувани со железна чизма институции, кои најмалку можат да бидат окарактеризирани како демократски, а тука се вбројува и припаѓа и начинот на кој се тие етаблирани и одржувани низ годините.

Конечно, борбата, овој воен пуч може да се толкува и како удар на ердоганизмот, како канцер кој го опфатил целото општество, во кој цивилизациските и демократски вредности систематски се силувани и уништувани, за да стапи на сила девастација на целото општество.

Орхан Памук, кој доби 10. годишна затворска казна, која подоцна ќе биде повлечена, со години предупредува на покренувањето судски спорови за клевета од страна на власта (1.800 од 2014 година, огромен дел кон новинари и карикатуристи), кои имаат само една цел- замолчувањето на опозицијата, преку нејзино заплашување и заканување. Памук многу пати предупредува на затворањето очи на светските демократски чувари, премолчувањето на режимот на Ердоган: “Се надевам дека кога лидерите на ЕУ се поздравуваат со Ердоган… би можело понекогаш да зборуваат со него и за слобода на говор…”

Памук се спротивставува со години на ердоганизмот, на авторитарни методи на власта, кога на удар е интелигенцијата, повлекуваат и застрашување на целата земја, како единствен начин од одбраната- никој, буквално никој  да не може да ја критикува Владата, особено кога станува збор за и најмала критика кон Ердоган.

Што велат научните студии за оправданоста и ефикасноста на воените удари низ историјата? Научната мисла преку емпириски истражувања, докази и податоци, преку компаративна анализа, прави дистинкција на воени удари во демократски и диктаторски режими, ја анализира успешноста и оправданоста на воените удари- дали станува збор за анти- демократски решенија, дали трансформациите на општествата резултираат со демократија или пак на сцена стапува уште потврда и разорна диктатура.

Неодамнешните истражувања (Џорџ Дерпанопулос и др., 2016) укажуваат дека последиците од воените удари се имаат променето после крајот на Студената војна.

Овие автори заклучуваат дека не само што воените удари се намалиле во фреквентноста, туку оние кои се јавуваат се повеќе проследени со компетитивни и демократски избори (Маринов и Геманс, 2014).

Анализата на авторите наведува на следните индикатори – од 1950 до 1989 година, 14% од успешните удари против диктатурата довеле до демократија во рок од две години, додека од 1990-2015 тој процент е значајно поголем- 40%  се трансформираат во демократски општества.

Различни фактори можат да ги објаснат овие трендови. Заговорниците на воени удари често тврдат дека се мотивирани од желбата да ги спасат нивните земји од автократските лидери.

Тие можат да се одлучат за слободни и фер избори, едноставно затоа што тие се свесни за важноста и вредноста на демократските избори.

Дури и кога членовите на воената хунта се со помалку алтруистички капацитет, воените удари можат да доведат до демократизација поради поттикот- создаден од меѓународниот притисок во периодот на Студената војна.

Заканите за суспендирање на странска помош може да ја мотивираат војската да се одржат избори многу брзо.

Од 1950 до 1989 година, речиси половина од сите диктатури (49%) имале  најмалку еден воен удар, а само во една третина од демократиите (35%) тоа било случај.

“Од 1990 година, воените удари се многу поретки, но се одвиваат во демократии, како и во диктатури (12%). Демократиите кои завршуваат со удари, сепак, имаат тенденција да се вратат многу брзо” (Маринов и Геманс, 2014).

Во оние општества во кои владее диктатурата, трансформацијата се одвива потешко, а најголемата пречка е политичката култура- историските искуства, навиките, традицијата на живеење под диктатура, нејасност, непоимливост, несвесност за постоење на поинаков општествен систем и неговите вредности.

Со тоа  се потиснуваат демократските тенденции и напори на интелектуалната елита- прогресивните сили, интелигенцијата, онаа општествена класа на која, како во случајот со Турција под Ердоган, не само што не и е дозволено да иницира, заговара  промени, туку е супресирана, малтретирана, затворана и ликвидирана пред очите на светската демократска јавност, во оној момент кога ќе биде јавно изговорена критиката кон режимот на Ердоган.

Како вели Орхан Памук: “Понекогаш јас не знам како да ја затворам устата.”

Таа борба, да се затвори устата на интелигенцијата успешно го трасираше владеењето и на пријателот на Ердоган- Груевски, во оваа земја. Можноста за аплауз за зачуваниот грб на Груевски од Ердоган му припадна на претседателот Иванов, кој во една прилика изјави дека неговото срце е со Ердоган, но како што саркастично појаснија авторите на порталот Коза ностра- но! џигерот, белите дробови, левиот бубрег и панкреасот му се со Путин. Нивната девиза- ако не се држат заедно, ќе висат одделно траеше доволно долго, за да биде неопходно да биде објавен крајот. Ердоган е далеку од тој крај, но за Груевски и Иванов страницата на историјата е затворена.

erd