Извадок од говорот на пратеникот Емилијан Станковиќ, седмо продолжение од седница бр.85 на Собранието на Република Македонија.
„Сите изминати години се обидувам во ова Собрание да иницирам дебата, за заштита на интересите на Република Македонија, бидејќи упорно со години, концесискиот договор кој што ТАВ го има потпишано со Министерството за транспорт и врски се чува како воена тајна. И никој во Република Македонија не објаснува од кои причини имал овој странски инвеститор ваков третман и зошто суштинските одредби од овој концесиски договор не се достапни и не се на увид на јавноста“, истакна во својот говор во Собранието пратеникот на СДСМ, Емилијан Станковиќ.
– ТАВ благодарение на зголемениот број на воздушни операции и бројот на патници коишто слетале на Охридскиот и Скопскиот аеродром, ќе плати помалку, 2 милиони евра за концесија за 2013 година. И концесијата која што ја платила државата 725.000евра, или помалку 73% споредено со лани.
– Колку привилегии треба да му се даде на ТАВ, за да тој остане во Република Македонија? Јас тврдам дека инвестициите кои што досега ги направи ТАВ не се повеќе од 80 милиони евра.
– Оваа Влада му даде дополнително олеснување. Наместо да плаќа 3 евра по патник, таканаречена такса за безбедност, од тие е ослободен и направен е анекс на концесискиот договор. Штетата на 20 години од ваквиот погрешен анекс или ваквата привилегија за ТАВ е околу 50, 60 милиони евра со вакво зголемување на бројот на патници. И на крајот, кога ќе видите дека не е изграден аеродромот Каргово — Штип, кој што и не може да се изгради и беше непотребен условот за тендерот за концесија, јасно е дека оваа инвестиција ќе остане скромни 70, 80 милиони евра, рече Станковиќ.
Тој потсети дека оваа Влада потроши половина милијарда евра на камен, бронза, скапи огради, жални врби и што ли уште не во барокно лудило. Ние можевме како држава самите да ги модернизираме двата аеродрома и не ни беше потребен ниту ТАВ, ниту било каков друг концесионер со вакви привилегии.




