Дијалогот, компромисот и политичката волја треба да стане правило и политичка норма во земјата, а партиите и сите други да работат на имплементација на препораките од Комисијата за случувањата од 24 декември минатата година, истакна денеска Петер Стано портпаролот на еврокомесарот за проширување Штефан Филе.
Дописникот на МИА од Брисел јавува дека Европската комисија порачува дека најавениот бојкот на Собранието од страна на опозициската СДСМ и новите протести нема да влијаат на извештајот што ќе биде објавен утре.
„Да потсетиме дека во последните месеци во вашата земја се покажа што може да се постигне преку дијалог, компромис и политичка волја. Токму ова треба да стане правило и политичка норма во земјата. Важно е партиите и сите други да работат на имплементација на препораките од Комисијата за истраги и таа работа да продолжи, што ќе ја подобри функционалноста на парламентот и функционирање на демократските институции во земјата“, изјави Петер Стано, портпаролот на еврокомесарот за проширување Штефан Филе, во изјава за МИА.
Според Стано, за Еврокомисијата не е правило и практика да коментира постапка што е во тек, во однос на приведувањето на претседателот на Советот на општина Центар, Мирослав Шиповиќ.




