Бошко Нацевски: „Украденото мора да се врати”, вели Мицко. Да видиш и да неверуваш.
И Бранко велеше ќе ги згази како жаби со шлепер. И се беше ветер во етер.
И Никола, на секој настап ги остреше забите со фалби од строгост кон апашите, триумфално ги надуваше мускулите, но исчезна како глушец свиткан во гепек со милионите. А ние измамените, останавме подзинати и бели во очите.
Заев, како заколнат монах од Света Гора, фрлаше клетви кон оние што не ограбија до гола кожа. Се крстеше, превртуваше очи како Исусова мајка, и на крајот, се беше ти било само замајувачка бајка.
Тој по него, некои го именуваа како Таче, беше смешна епизода. Ќе го помниме како Божја казна, временска непогода.
Мицко е на потег. Ај да видиме кој украденото ќе го врати. Кому ќе му се земе. На тајкуните, оние што ни ги присвоија фабриките, нивите, реките, рудниците. Што со украдени пари направија финасиски династии. Изградија дворци, ергели од најнови модели на џипови. Палавеат од баханалии, по туѓи мориња со јахти и глисери. Во екслузивни одморалишта вили купуваат. Апартмани почесто отколку ние гаќи и чорапи менуваат. Парите на конта во странски банки ги кармат, складираат. Или, во дебелите ѕидовит на куќите ги бункерираат.
Баш сум љубопитен. Изјавата на Мицко надежно звучи. Но да не биде тоа само иронија, уште една пропагандна пародија. Знам само едно, еднаш попарениот со врело млеко, и на маќеници и на јогурт ќе дува.
Но, ако навистина одлучил да ги лови апашите, тогаш треба да се помири со вистината дека полупразни ќе му останат во Владата кабинетите.
Нив ги нема меѓу оние што и по дожд протестираат за пристојни плати по улиците. Што темнеат во фабричките хали и во подземните длабочини на рудниците. Меѓу тутунарите и градинарите. Барајте ги меѓу директорите, тајкуните, бизнисмените и пратениците!
Само да не биде и ова уште еден прилог од серијалите на измамниците.
Извор: Фејсбук



