Старата јаловишна депонија од рудникот Злетово, што со години го труе Пробиштип и целиот регион се уште чека решение. Иако посочена како една од најжешките еколошки точки нејзината санација никако да дојде на дневен ред. Се правеа неколку проекти, едниот од нив е готов уште пред три години, но државата досега не најде решение за јаловиштето што со години преку воздух, вода и почва ги труе жителите на Пробиштип, Злетово и околните општини.
– Најтешко е кога подолго време не врне, па ветерот ни ја носи отровната прашина дирекно дома. Секој ден дишеме опасен воздух, велат жителите на Пробиштип чии куќи се веднаш наспроти старото јаловиште.
И од локалната самоуправа на Пробиштип признаваат дека јаловиштетото им е голем проблем, но тие самите немаат доволно средства да го решат проблемот.
– Најопасно е загадувањето преку воздух иако не треба да занемариме и загадувањето преку почвата и водата. Ние како општина правиме напори да ја ублажиме состојбата и рекултивираме дел од површинскиот слој, но сами без поддршка од Министерството за заштита на животната средина не можеме многу да направиме. Рекултивирањето на старото јаловиште според светски стандарди, а со тоа и негово целосно решавање според пресметките на проектот би чиниле околу четири, четири и пол милиони евра, но сметаме дека таа сума би можела да биде и помала, вели Тони Тоневски градоначалник на Пробиштип.

Од Министерството за животна средина велат дека дел од својата работа завршиле. Направени се проектите, сега се бараат пари за нивна реализација.
„Имаме направено два проекти, едниот за ремедијација на старата јаловишна депонија со сите фази и втор проект што значи повторно искористување на јаловината во технолошки процес, а потоа ремедијација. Министерството за економија го презеде вториот проект со намера да го понуди на концесионирање доколку може да се извлечат корисните компоненти, а со тоа на нас да ни ја олеснат и фазата на ремедијација. Доколку нема интерес за концесионирање тоа ќе го следиме понатаму“, вели Соња Липиткова, државен сектретар во Министерството за животна средина и просторно планирање.
Прашината од старото јаловиште ги труе и нивите во околината. Но, во кој степен го зголемува нивото на тешки метали во земјоделските производи нема официјално објавени податоци.
Дополнителен проблем за загадувањето се и последиците од големата хаварија од 1976 година кога се излеа јаловиштето по долниот тек на Злетовска река. Но и за ова загадување не се правени сериозни истражувања.
Дека состојбата е алармантна покажа истражувањето на Јапонската агенција за меѓународна соработка Џајка, која за потребите на втората фаза од проектот хидросистем „Злетовица“ вршеше истражување на земјиштето предвидено за наводнување.
Истражувањата се правени во периодот од 2005 до 2007 година, но нивниот извештај не е официјално објавен. Јапонците дојдоа до фрапантни податоци, поради што беше направена промена на просторот за наводнување од браната Кнежје. Утврдија дека во 500-700 ха во почвата и водата има висока концетрација на арсен, кобалт, никел, олово и цинк.
„Не постои разграничување на површините со висока концетрација со тешки метали поради што постои високо ниво на ризик“, пишува во извештајот на ЏАЈКА.
Истражувањата се вршени на околу двесте квадратни километри и е утврдено дека загадени со тешки метали биле мострите на вода од селските бунари од 29 села, а 36 % од испитаната пченица во 2006-та година имала висока концетрација на тешки метали. Повиско ниво на тешки метали се откриени и во оризот и пченката иако во помали концетрации отколку кај пченицата. Дел од почвата долж долниот тек на Злетовска река е означено со највисок ризик 5, а најголемиот дел со ризик 4, што значи дека таму не смее да се одгледуваат земјоделски производи наменети за исхрана.

„Откако е добиен извештајот ние како општина се обидуваме да ги едуцираме земјоделците и да им укажеме на опасноста што ја носи контаминираната почва и дека тој на дел од земјиштето треба да се сади маслодајна репка за производство на биодизел или растенија што ги извлекуваат тешките метали од почвата, сепак тоа е без успех на тие површини и понатаму има бавчи, се сее пченица и ориз“, вели градоначалникот на Пробиштип, Тоневски.
Државата досега е без сериозна стратегија за решавање на овој проблем. Не се правени обиди за деконтаминирање на почвата од надлежните институции, но такви обиди се правени од страна на невладиниот сектор. Здружението „Машински круг“ од Пробиштип пред две години на дел од површините засадија маслодајна репка за производство на биодизел.
„Може да се констатира дека содржината на тешки метали во почвата пред сеидба на маслодајната репка е поголема од содржината на тешки метали во почвата по сеидбата, а тоа е добар индикатор за заклучок дека постои процес на реанимација на почвата. Исто така, од табелата може да се заклучи дека постои различен степен на реанимација, односно различен степен на намалување на содржината на тешки метали во почвата“, пишува во нивната брошура подготвена од м-р Славчо Николов.
Има најави дека проблемот со старото јаловиште ќе почне да се решава по изборите. Граѓаните не се сигурни дека тоа набрзо ќе се случи бидејќи најави слушаат уште од 2010-та година. Во меѓувреме јаловиштето го труе Пробиштип, а поради недоволна едукација на земјоделците на контаминираната почва се сее пченица и ориз, а стоката пие вода богата со тешки метали.



