Војо Маневски
Зошто нема решенија за нашите проблеми? Преголеми се за да се најде оптимално решение? Очекувањата ни се преголеми? Или за изнаоѓање на решенија кои ќе ги подржи мнозинството на граѓани нема политичка гарнитура која тоа може да го предложи и изнесе решението до крај?
Одговорите на сите овие прашања се услов за опстанок и развој на нашата заедница. И повторно одговорноста ја гледам во граѓаните кои не успеваат да исчекорат од состојбата поданици на власта кон активни и одговорни членови на заедницата. Ако е за утеха, сите народи на Балканот имаат слични проблеми. Никако не сакаат да понесат одговорност за својот избор на политички претставници свивајќи ја главата пред партиската моќ, наместо да ја подигнат како носители на правото за избор, како носители на суверенитетот на државата.
Неделава помина во разни анализи и тупи и неинвентивни партиски соопштенија за состојбата со економијата во државата. Просто човек не може да поверува, колку работи кои се периферни, кај нас се причина за анализи и партиски препукувања. Порано мислев дека се работи за неинвентивност на пропагандните одделенија на најголемите партии. Сега тврдам дека, всушност, тоа е нивната политика во основа.
Да се зборува за промени, а ништо суштински да не се менува.
Да се зборува за реформи, ама да се остане на истите позиции кога треба да се користи власта и државниот буџет како единствен ресурс за одржување на коруптивниот систем кој одамна требаше да биде сменет.
Колку проценти ни пораснал БДП и колку е намалена инфлацијата, па анализи, па заклучоци кои одат дотаму што нѐ ставаат во врвот на Европа според економските статистички параметри. Се прашувам, господа политичари, ви станува ли барем малку нелагодно кога изговарате вакви заклучоци ? Добро знаете дека е ПР и дека треба да привлече внимание следните неколку дена. И вие и ние знаеме дека е така. Малку барем за миг ви се стегнува ли грлото кога изустувате нешто за кое знаете дека не е вистина. Ако не ве стегне во грлото, тогаш ни нема спас и вам и нам.
Статистиката е математичка операција која низ споредбени постапки ја покажува разликата меѓу два периоди изразени низ бројки. Како податок и помагало во креирањето на економските политики е нужна, но не е замена за економските модели и закони кои треба да го поттикнат конкурентното производство на домашен и надворешен пазар. Поедноставно – здравје.
Неинвентивноста и незнаењето во спроведувањето на економски политики кои ќе ја придвижат економијата се огледува во постојаното обвинување на претходната власт како изговор. Па ако беше добра таа власт немаше граѓаните да гласаат против неа! Министерката за финансии веројатно не сакајќи ја опиша состојбата со буџетот тврдејќи дека за редовни расходи ќе има пари, ама за поголеми вложувања и преземање на големи буџетски обврски пари нема. Ова е за почитување заради љубителите на статистиката и игрите околу неа. За да се вложат пари во енергетски капацитети кои ке донесат поголема енергетска сигурност на државата засега пари – нема.
Да, можеме да се задолжуваме, но цената на тие кредити за нас станува сѐ поголема и ја става во ризик нашата солвентност. Нема економија која стабилно пораснала потпирајќи се само врз кредити. Ако нема реален раст, кредиторите ќе чукнат на вратата, а тогаш да бидеме спремни за раскрчмување на ова малку што остана како државна сопственост.
Јавните претпријатија се веројатно првата цел на оваа операција. Потребата од нови политики во земјоделието е толку евидентна ама мноогу тешко изводлива. Може да стане министер за земјоделие и Фергусон, ама со вакви интереси на разни моќници поврзани со субвенциите и увозот на храна, ниту тој ниту сите реформатори од земјоделието нема да постигнат поголем успех.
Нашите производители ниту знаат, ниту сакаат да бидат дел од слободниот пазар на земјоделски производи. Тие знаат да произведуваат земјоделски производи и чекаат државата да им ги осигури цените и пласманот. Исто како кај политичката поделба на поданици и граѓани. Од државата очекуваат заштита и извесност, а за возврат тие излегуваат на гласање. Едноставна равенка со една непозната. Ете ниту тоа не успеа државата да го реши. Не успева или не сака е дилемата која виси над овој проблем.
Загрижувачки е што во оваа влада нема министер со кој може барем да се расправа за економските политики и резултатите од нив. Општо надлежен е премиерот и за економија и за политика и за безбедност и за надворешна политика. И за празник и за делник надлежен е – Премиерот. Владата е колективен орган со свои овластувања и одговорности пропишани со устав и закон? Изгледа кај нас не ѐ така па зошто тогаш очекуваме реформи во правосудството?
Тешко со ваков менталитет на семоќен и општо сезнаен лидер. Ако може да врши работа за пет шест министри, па зошто да не настапува и во името на министерот за правда или како носител на реформите во правосудството. Имавме таков премиер што го отвораше судството како пупка, ама тоа се разви во цвет, па си пушти семе и се развија нови садници па сега си цветаат со цветови од никого откинувани. Можеби и се планирани за голем букет на споменикот на Македонија на 35 години независност. Се плашам само да не бидат дел од некој погребален венец на олтарот на татковината.
Упсс, заборавив да напишам неколку реда за дилемата дали ќе има избори.
Сметам дека ќе има следната година затоа што, ако нема избори ќе мора да се дадат одговори за дилемите и прашањата кои ги набројав на почетокот на овој текст. Заблудата на денешните политичари дека умртвениот и депримиран народ по стоти пат ќе го превеслаат со лажни ветувања – ќе се разбистри од резултатот од изборниот ден.
Малку нека прошетаат по пазарот, по маркетите, наместо да седат по кафичите и пуштаат соопштенија на ФБ заштитени од партиските ботови и исфрустрирани иселеници, ќе видат дека времето не работи нити за партиите на власт ниту за опозицијата. Нема да им отворам очи како што вели еден мој умен продавач на земјоделски производи на штипскот пазар.
„Не им отварај очите оти ако прогледаат ќе нѐ јаваат уште два мандати“.
Тешко нам штом нѐ водат оние на кои треба да им отвораш очи.
Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА | Сите права се задржани.





