Министерот за финансии Зоран Ставрески и неговата колешка од полицијата, Гордана Јанкуолска, како функционери имале законска обврска да ги пријават сомнежите дека битолскиот градоначалник Владимир Талески направил „коруптивен до даска“ договор со фирмата „Транскоп“ за превоз на ученици.
Во снимените телефонските разговори коишто завчера ги објави Заев, не само што Ставрески тврди дека договорот за превоз на учениците во Општина Битола, кој траел до 2010 година, е коруптивен „до даска“, туку и двајцата министри во разговорот констатираат дека и превозниците кои потоа ја вршеле работата најверојатно се „нивни“. На едно место Ставрески уште вели дека градоначалникот Талески „место да си го покрие криминалот“ го вадел во јавноста.
Според Законот за спречување на корупцијата функционерите се должни да пријавуваат корупција, меѓутоа поранешната претседателка на Антикорупциската комисија и прв човек на „Транспаренси интернешнл – Македонија“, Слаѓана Тасева смета дека двајцата министри направиле и кривично дело со тоа што не го пријавиле сомнежот.
– Содржината на снимките претставува сериозна индиција за коруптивни активности од страна на посочениот градоначалник и случајот треба веднаш да се провери од страна на надлжените органи кои треба да ги побараат документите од спроведените тендери и постапка, како и за начинот на плаќање. Двајцата министри кои очигледно знаеле, но непријавиле за незаконитоста, сториле кривично дело „Непријавување на кривично дело“ – вели Тасева за НОВА.
НОВА се обрати и до Антикорупциската комисија, побаравме членовите на ова тело да се изјаснат за случајот, но оттаму решија да молчат. Меѓу другото, ги прашавме и дали досега, при објавувањето на сите снимки забележале индиции за било каква корупција, бидејќи Државната комисија за броба против корупцијата до сега не се појави во јавноста во врска со „бомбите“ на Заев.
Ставрески во снимениот разговор е револтиран бидејќи превозниците од Битола се појавиле на прес-конференција и барале министерствата за финансии и за образование да им го платат долгот за превоз на учениците. Министерот смета дека „борчот“ треба да си го покрие градоначалникот и се сомнева дека превозниците се појавиле во јавноста по инструкции на Талески за да ја притиснат Владата, таа да плати. Во лутина, министерот Ставрески ги открива сомнежите дека договорот за превоз на ученици до јуни 2010 со превозникот „Транскоп“ е „коруптивен до даска“, а потоа кажува дека и другите превозниците, кои подоцна ја добивале работата, морало да бидат „нивни“, на што Јанкулоска коментира дека „тие и работата случајно не ја добиле“.
Ставрески сомнежот за корупција во договорот со „Транскоп“, кој траел до 2010, го гледа во тоа што во наредните години превозот на учениците ја чинел општината далеку помалку, како што вели мнистерот, во некои случаи дури и дест пати поевтино. Градоначалникот Талески и општината вчера демантираа дека пости било каква корупција, меѓутоа локалната самоуправа преку соопштението објасни дека од учебната 2009/2010 па наваму „за секоја наредна година се воведуваат дополнителни критериуми за поголеми заштеди“.
НОВА побара став и од газдарицата на „Транскопт“, битолчанката Елпида Димитровска Крстевска.
– Во врска со коментарите кои деновиве се присутни во јавноста, ве информираме дека „Транскоп“ досега никогаш нема склучено договор за јавна набавка за превоз на патници со непосредна спогодба, туку сите договори ги има добиено во отворени, јавни и транспарентни постапки и во конкурениција со други превозници, при што бил избран исклучиво за оние релации за кои имал најповолни понуди, додека за друите релации се избирани други превозници кои имале поповолни понуди, вели Димитровска Крстевска во денешниот писмен допис до НОВА и ги повикува надлежните институции да извршат ревизија на нивните документи.
Се обидовме да дојдеме и до деталите од договорите за превоз на учениците што Општина Битола ги склучила со превозниците, меѓутоа тоа едноставо е невозможно преку електронскиот систем за јавни набавки, кој е хаотичен, додека од кабиентот на Талески ни ветија дека во текот на денот ќе добиеме одговор на нашите прашања.
Транскрипт
ЗС: Знаеш, што е направена ситуацијата. До 2010та до јуни, склучен е договор со Транскоп, коруптивен до даска, у кој што по поединечен ученик договорените цени му се повисоки 10 пати повисоки отколку после тоа, отколку денес шо важат цените со приватни превозници денеска се договорите. Значи Советов у 2010та од опозицијава овие му извршиле притисок да ги смени тие договори и он распишува тендер, кај што приватни превозници се јавуваат…
ГЈ: Да де, тендер. Кој бил најефтин, тој.
ЗС: … и цената ја спуштаат во однос за 1 спрема 10 на некои места, негде 1 спрема 5, негде 1 спрема 3.
ГЈ: Да де да.
ЗС: И место да си го покрие криминалот, напукал, пошто долгот до 2010та отприлика е, кон Транскоп, отприлика е 36 миљони денари и 22 миљони кон приватниве. И сега бара преку ЗЕЛС, прво со поддршка од Коце се разбира, да ние му ги покриеме долговите.
ГЈ: Коце за сите такви матни работи дава поддршка. И само да те намести.
ЗС: Испратив луѓе таму. Како второ значи, има на сметката негова, на редовна сметка 60 миљони денари и на сметка за дотации кои што се наменети за исплата на плати и на материјални трошоци 16 миљони, откако веќе ги исплатил платите, вишок има цело време 16 миљони денари. Шо значи он може да го затвори главниот дел од долгот со таа сметка да ги плати. Место тоа да го напраи, он му врши притисок на Панче (н.з. Кралев), прво ги пушти превозниците на прес, пази. И даде изјава…
ГЈ: Да да, глеав тоа, да.
ЗС: … на медиуми дека министерството за образование и за финансии малце му давале пари. А кој се овие луѓево шо се превознициве се наши. Значи, за да излезат на прес, не излегле случајно. На негово барање.
ГЈ: Да де да. Тие и работата случајно не ја добиле.
ЗС: А у меѓувреме едно 50 СМС-и до шефот имаше испратено претходно уште. И му реков, нели завчера коа беше у Влада нејќев ни да го погледнам.
ГЈ: Да, да, да.




