Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески вечерва гостуваше во вестите на „Сител“ телевизија, но ниту беше прашан, ниту пак самиот кажа нешто за снимениот телефонски разговор меѓу него и министерката за внатрешни Гордана Јанкулоска.
Разговорот меѓу министрите во понеделникот го објави лидерот на СДСМ Зоран Заев, според кој овој муабет нелегално го снимила Управата за безбедност и контраразузнавање при МВР.
Министерот Ставрески беше дел од бизнис-вестите на „Сител“, а не од главниот Дневник кадешто се третираат политичките прашања како скандалот со прислушкувањето.
Ставрески во своето прво јавно појавување по прес-конференцијата на Заев, говореше за најавената финансиска зона, за трите илијади хонорарци и волонтери кои ќе добијат трајно вработување во администрацијата, за новите промени на популарно наречениот закон за хонораци, како и за намалувањето на невработеноста во Македонија.




