Стечајците бараат итна средба со претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Живко Митревски, а од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ бараат да им овозможи средба со лидерот на партијата, премиерот Никола Груевски.
Стечајците се незадоволни од последните законски измени за обесштетување, според коишто месечен паричен надоместок од 7.100 денари до пензионирање или повторно вработување ќе го примаат само мал број стечајци, а поголемиот дел и понатаму ќе останат со нерешен статус.
На протестот во Скопје кој се одржа минатата недела, стечајците се жалеа на полициското тепање со клоци и тупаници, бараат одговор од надлежните, за тоа дека има пари за панорамско тркало и барок, но не и за нив.
Лидерот на стечајците Лилјана Георгиевска, како и Васко Цацаноски активист од „Солидарност“ во судирот со полицијата привремено беа лишени од слобода. Но по интервенција на Хелсиншкиот комитет беа ослободени.
Хелсиншкиот побара одговор од внатрешната контрола на полицијата зошто МВР употребило преголема сила за време на протестите.
Невладините „Солидарност“ и „Ленка“ побараа внатрешната контрола на МВР конечно да профункционира и да ги санкционира ваквите насилни испади од страна на вработените во МВР, односно Единицата за брзо распоредување.
Го осудуваме и застрашувањето на граѓаните од страна на МВР преку поднесувањето на „соодветни пријави“ против организаторот на протестите и Васко Цацаноски, реагираа „Солидарност“ и „Ленка“.




