Актуелни, но и поранешни светски лидери со осуда за денешниот атентат врз екс премиерот на Јапонија, Шинзо Абе кој им подлегна на повредите во болницата во Медицинскиот центар во Нара.

Веста за атентатот и смртта на Абе е шокантна за генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Моите мисли се со него и со неговото семејство. НАТО стои со народот на нашиот близок партнер, Јапонија“, нагласи Столтенберг.

Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен посака Абе да остане силен.

Според претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Абе е „вистински пријател и бестрашен бранител на мултилатералниот поредок и демократските вредности“. Тој додаде дека ЕУ е со народот на Јапонија.

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека е згрозен и тажен поради нападот врз Абе. Нападот го потресе и индискиот премиер Нарендра Моди, кој се огласи на Твитер.

„Нашите мисли и молитви сè со него, со неговото семејство и јапонскиот народ“, напиша Моди.

Атентатот на Абе е поразувачка вест за поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Екс премиерот на Австралија, Скот Морисон напиша дека неговата земја загубила голем пријател во Абе.

„Тој е еден од најважните светски лидери од ерата по војната. Во овој тежок момент, нашите молитви сè со него, со неговата сопруга Аки и со јапонскиот народ“, напиша Морисон.

Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн била длабоко шокирана кога слушнала за пукањето.

„Беше еден од првите водачи кои ги запознав кога станав премиерка. Беше длабоко посветен на својата улога, но и великодушен и љубезен. Моите мисли сè со неговата сопруга и со јапонскиот народ. Ваквите случаи нè потресуваат сите нас до сржта“, напиша Ардерн.

Претседателката на Тајван, Тцаи Инг-вен го осуди нападот на Абе преку Фејсбук истакнувајќи дека тој бил нејзин добар пријател.