Генералниот секетар на НАТО Јенс Столтенберг денеска од Букурешт порача дека мошне скоро од сите 29 земји-членки ќе биде потпишан пристапниот Протокол за членство на Македонија во Алијансата.

Тој денеска на заедничката прес-конференција со романскиот претседател Клаус Јоханис изрази очекување дека сите 29 членки ќе го потпишат Протоколот, по што како што рече, Скопје ќе учествува на двата претстојни состанока на НАТО.

– Откако сите 29 земји-членки ќе го ратификуваат Протоколот, ќе ја поздравиме Република Северна Македонија како 30. членка на НАТО, нагласи Столтенберг.

Приемот на земјата во Алијансата, посочи првиот човек на НАТО, ќе придонесе за мирот и стабилноста во регионот и во цела Европа.

Столтенберг истакна дека со Јоханис меѓу другото разговарале и за континуираната посветеност на политиката на отворени врати на НАТО и им честита на Скопје и Атина, на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас за нивната храброст и силното лидерство за решавање на спорот со името.

Германската Влада денеска даде согласност за прием на Македонија во НАТО и ќе се заложи овој процес да заврши што е можно побрзо.

Во соопштението на Владата во Берлин се нагласува дека влезот на земјава во НАТО ќе даде важен придонес за безбедноста во евроатлантскиот простор, а исто така ќе обезбеди и важен импулс за натамошна стабилизација на регионот на Западниот Балкан.

И бугарската Влада вчера даде зелено светло за потпишување на Протоколот за приклучување на Македонија во НАТО. Владата во Софија соопшти дека го овластила претставникот на Постојаната делегација на Бугарија во НАТО да го потпише Протоколот за членство на Македонија во Алијансата.

европскиот портал Еурактив, веќе излезе и со можен датум на кој грчкиот Парламент ќе го ратификува Протоколот. Повикувајќи се на извори во Грција, порталот јави дека јужниот сосед цели кон ратификација на Пристапниот протокол за НАТО на  8 февруари, но информацијата не е потврдена официјално во Атина.