Стотици луѓе денеска маршираа низ центарот на Скопје, од Собранието до Владата извикувајќи „Уа за проектите на Владата“, „Ова е последниот повик до нив“, со што го искажаа своето незадоволство од тешката економска состојба во која се наоѓаат голем дел од граѓаните на Македонија.
Со порака 5 до 12 е време Владата да се вразуми и наместо за споменици парите да ги троши за помош на најсиромашните – да им ги плати сметките за струја, општините да ги платат сметките за вода и комуналии.
Организатори на маршот кој продолжи со концерт на скветор Јадран се членовите на иницијативата „8 Септември“ и Македонската платформа за борба против сиромаштија, а денеска им се придружија и дел од стечајците.
„Сиромаштијата е огромна и продолжува да се зголемува. Повеќе од 30 проценти од населението живее во сиромаштија. Ние, според член 1 од Уставот сме социјална држава, а во пракса сме земја на социјална неправда. Системот на социјална заштита е нефункционален и тој мора да претрпи коренити промени во корист на граѓаните. Социјалната помош е трагична, затоа што граѓаните се оставени да преживуваат со 20 денари на ден“, изјави Џелал Хоџиќ од граѓанската иницијатива „8 Септември“.




