Крајната цел на Стратегијата за образование 2018-2025 е инвестирање во учениците, студентите, во млади интегрирани поединци кои ќе бидат слободни во изразување на автентичноста, оригиналноста, идентитетот и креативноста. Ова на денешната промоција на Стратегијата го истакна министерката за образование и наука Рената Дескоска.
Во Стратегијата, која беше усвоена на почетокот на годинава, се лоцирани клучните предизвици на македонскиот образовен систем, почнувајќи од градинките, училиштата, се до универзитетите. Со оваа Стратегија донесен е и Акциски план за реализација со предвидени конкретни рокови и очекувани резултати. Процесот на подготовка на Стратегијата беше во целост финансиран и поддржан од ЕУ.
– Како прв столб на образовниот систем Стратегијата го поставува токму предучилишното образование, свесни дека инвестирањето во оваа област ја засилува социјалната кохезија и го овозможува идното целосно развивање на потенцијалите на секое дете, рече Дескоска. Додаде дека одредени делови на Стратегијата се веќе реализирани, а дел се во фаза имплементација.
Министерката Дескоска потсети на новиот Закон за основно образование, на мерките што се предвидуваат во средното образование, на Законот на високо образование…
Евроамбасадорот Самуел Жбогар истакна дека Стратегијата треба да биде главна алатка за надминување на насобраните проблеми во сите области во образованието.
– Квалитетот во образованието прво и основно бара инвестирање во наставниците. Бара и наставни планови што се релевантни за пазарот на трудот, не само локално туку ширум Европа и на меѓународно ниво, рече Жбогар.
Што содржи Стратегијата?
Владата на 30 јануари ја усвои предлог Сеопфатната стратегија за образованието 2018-2025 и нејзиниот Акциски план. Во неа за секој степен од образованието- од претшколско, основно, средно, високо образование и неформалното образование на возрасните, се посочуваат слабостите.
Претшколско образование
Во Предлог-стратегијата се истакнува дека опфатеноста на децата во претшколското образование не е задоволителна и системот има ограничени можности за опфаќање на децата со посебни образовни потреби:
– Условите за учење во предучилишните установи се незадоволителни; неконзистентно се спроведуваат нормативите и стандардите во предучилишните установи; речиси воопшто не се користи ИКТ во предучилишните установи.
– Постојните стандарди за рано учење и развој на децата треба да се ревидираат; контролата на квалитетот не функционира; не се спроведува интегрирано мултикултурно воспитување и образование на децата на предучилишна возраст; слаба е соработката со останатите нивоа на образованието, а особено со високото образование.
– Системот страда поради недоволен број на кадар во предучилишните установи, што е придружено со недоволно јасно дефинирани компетенции и стандарди за директорите, воспитувачите, негувателите и стручните служби на градинките.
– Раководењето и управувањето со предучилишните установи се неефикасни, се преклопуваат одговорностите на разни структури кои се одговорни за предучилишниот образовен систем, т.е. МОН, МТСП и Министерството за локална самоуправа (МЛС); слаба е соработката со родителите, заедниците и бизнис-секторот.
Основно образование
Во однос на основното образование, се укажува на повеќе проблематични точки: Недостигаат стандарди кои би требало да ги дефинираат резултатите од учењето во секој циклус на основното образование, наставниот план е преоптоварен, а наставните програми не се доволно релевантни за локалната средина.
Дополнително, во повеќето училишта недоволно или несоодветно се предава Образование за животни вештини (ОЖВ), а претприемачките вештини се на ниско ниво, и кај учениците и кај наставниците.
Во повеќејазичните училишта учениците се раздвоени според јазикот на кој се одвива наставата (работат во различни смени, објекти, катови, различна администрација итн.) поради што немаат доволно можности за интеракција, недоволно е застапено мултикултурно/интеркултурно образование во наставните и воннаставните активности, како и во некои од учебниците.
Паралелено со тоа, мерките за надминување на поделбата по етнички линии во училиштата не се доволни и сегрегацијата во училиштата влијае врз општествената кохезија и интеретничка интеграција.
Во однос на децата со посебни потреби се укажува дека тие не се доволно вклучени во редовното основно образование, односно тоа не е доволно уредено и не се воведени соодветни механизми за тоа. Освен тоа, постојат предрасуди кон овие деца кај некои родителите, наставници и ученици. Исто така, наставниците не поседуваат доволно компетенции за работа со оваа категорија ученици.
Стратегијата нотира недостиг на соодветни системски решенија за идентификација и работење со талентирани ученици, нема доволно дидактички материјали и дидактички ресурси за наставата да се одржува на сите наставни јазици (во тој опфат спаѓаат и асистивни технологии за ученици со посебни образовни потреби), специјализираните кабинети по одредени предмети не се целосно снабдени со наставни помагала, а дополнителен проблем е и тоа што дел од одделенијата имаат преголем број на ученици, а во некои општини не е усвоена регионализацијата. Ова дополнително се усложнува и со непочитувањето на правилата за безбедна и сигурна училишна средина во повеќе училишта.
Средно образование
Наставните планови во средното образование се преоптоварени и сè уште постојат наставни програми што се застарени и не овозможуваат континуитет на когнитивниот и социо-емоционалниот развој на учениците, не ги поддржуваат модерните пристапи за одржување на наставата и не ги отсликуваат актуелните социјални процеси.
За дел од учебниците се констатира дека се застарени и содржат стереотипи, предрасуди, стигматизација и во нив недостигаат елементи на коегзистенција, почитување на различностите, интеграција, мултикултурализам, што е дополнително комплицирано со демотивирачкото законодавство за изработка и ревидирање на учебници.
Мултикултурното/
Дисперзијата на средните училишта е несоодветна (со особено слаба пристапност до училиштата во регионите) што e придружено со преголем број ученици (до 40 во паралелка) во некои училишта.
Физичкиот (објектите, опремата за вежбање и останатата опрема) и дидактичко-методолошкиот пристап е многу слаб во повеќето средни училишта, а условите за инклузија на учениците со посебни образовни потреби се исклучително ограничени.
Во предлог стратегијата уште се посочува дека наставниците не добиваат соодветна практична подготовка за време на иницијалната обука или практиканството, нема доволно професионализам и политичка неутралност кај директорите на училиштата, стручните служби се недоволно екипирани според потребите на училиштата (на пр., според бројот на учениците, јазикот на кој се одржува наставата), а последниот фактор доведува до низок квалитет или барем до ограничен опсег на такви услуги, како што се кариерното советување или насочувањето на надарените и талентираните ученици.
Стручно образование
Стручното образование, се наведува во Стратегијата, и понатаму не привлекува доволен број ученици (освен одредени струки во областите на здравството, економијата и правото) и сè уште не е воспоставен современ систем на постсредно образование.
Се забележува несовпаѓање меѓу понудата на кадри од системот за стручно образование и обука и побарувачката на пазарот на работна сила, системот за воведување нови квалификации во стручното образование и обука е нефлексибилен и неделотворен, а соработката со бизнис-секторот за конкретна практична обука на учениците и учење во работна средина е неефикасна.
Исто така, се забележуваат значителни недостатоци во знаењата на наставниците за современите технологии поврзани со наставните предмети, а таа состојба дополнително ја усложнуваат и ниската мотивираност на наставниците и недоволно развиениот систем за стручно усовршување и напредување во кариерата. Особено од тие причини преовладува традиционалниот приод кон водењето на образовниот процес.
Високо образование
Недоволниот квалитет на високото образование е проследен со нецелосно функционален систем за акредитација и евалуација на универзитети, но исто така студиските и предметните програми не одговараат на потребите на пазарот на трудот. Сè уште се појавуваат феномени како што е плагијаторството во пишаните дела на студентите и професорите, а системот за практична обука на студентите е несоодветен.
Освен што високото образование не обезбедува систем за редовна контрола на квалитетот, високообразовниот систем има премногу регулативи, што се одразува врз автономијата на универзитетите. Истовремено, раководењето на универзитетите/ факултетите не е доволно партиципативно и учеството на студентите во управувањето на универзитетите сè уште е номинално.
Стратегијата укажува и дека критериумите за упис во универзитетите сè уште се ниски, но пристапот до високото образование за различни ранливи групи е ограничен, дури и нема доволно информации за можностите за нивно вклучување на универзитетите.
Истовремено се продолжува со експанзија на студиските програми без соодветна анализа на потребите на пазарот на трудот и на капацитетите за нивна реализација.
Се истакнуваат и недоволните компетенции на наставниот кадар на универзитетите – на универзитетите недостига млад кадар поради слаба мотивираност и недоволно отворени работни позиции; висок е соодносот студент/наставник.
Финансирањето на истражувањето останува на незадоволително ниво, што значително придонесува за несоодветната инфраструктура на научноистражувачките центри при универзитетите, приоритетните тематски области на истражување не се реформирани, а пристапот до глобални научни податоци е ограничен.
Со предлог стратегијата е опфатено и неформалното образование за возрасните.