Корона пандемијата ги испразни библиотеките, а читателите наместо книга в рака се почесто читаат онлајн поради стравот да изнајмат книга оти не знаат кој друг ја читал пред нив.

Дека пандемијата го намали обемот на работа на библиотеките признаваат и библиотекарите, но велат, љубителите на пишаниот збор полека се враќаат на старите навики за читање. За само неколку минути од нашето пристигнување во холот на библиотеката „Другарче“ во скопската населба Карпош, затекнавме ред од десетина читатели кои трпеливо чекаа да ги вратат прочитаните книги и да земат нови. Сепак погледот внатре беше малку поинаков. Покрај библиотекарката и убаво наредените книги, патеките меѓу полиците беа празни, без она препознатливо движење на читателите кои неуморно се во потрага по своите омилени наслови.

Модернизирани и технолошки надградени, библиотеките денес на читателите им овозможуваат онлајн да проверат кои книги се на располагање и дали нивната омилена книга е достапна во моментот, па истата да си ја порачаат на шалтерот, наместо да влегуваат внатре.

Младите се повеќе сакаат да читаат книги со психолошка содржина кои им помагаат да го поттикнат менталниот развој“, вели во разговор за Нова ТВ, Силвана Јакимова – библиотекар советник и раководител на библиотеката „Другарче“, која работи во состав на градската библиотека „Браќа Миладиновци“.

Јакимова признава дека бројот на членови во библиотеката е намален откако започна пандемијата, од тогашните 1300 активни, на едвај 1000 и тоа откако повеќето го реактивирале членството во последниве месеци.

„Учениците од основно образование најмногу изнајмуваат лектири, но и книги со научно-фантастична тематика, најчесто ги бараат книгите за Хари Потер. Средношколците пак доаѓаат по задолжителна литература и научни книги кои им се потребни за изработка на проекти по стручни предмети, семинарски работи. Љубовните романи се најбарани од повозрасните граѓани, додека книгите со психолошка тематика, трилерите и книги кои се насочени кон менталениот развој им се најинтересни на помладите. Можам да кажам дека порано читателите навистина повеќе ги преферираа љубовните романи и книгите со историска содржина, но во последно време она што повеќе се бара за читање се книги од областа на психологија, психологија на животот, па дури и книги за духовен развој во стилот на ‘Моќта на потсвеста’. Ако треба да посочам најбарани автори, тоа би биле Лусинда Рајли, Сара Џио, Крис Картер...“, вели Јакимова.

Во време на брз технолошки развој, младите е тешко да се убедат да го засакаат пишаниот збор, а уште потешко да земат печатена книга во рака, признава Јакимова.

„Бараме различни начини да ги поттикнеме децата да читаат уште од најрана возраст. Така на пример, на децата од градинка им даваме гратис членски книшки. Организираме и литературни конкурси за децата од основните училишта, тие пишуваат на одредени теми, а како награда за најдобрите доделуваме гратис членски книшки“, додава таа.

Стравот од пандемијата ги поттикна читателите своите омилени наслови да ги бараат онлајн, а неретко вљубениците во пишаниот збор книгите ги читаат преку интернет и тоа на англиски јазик. Но, сепак, библиотекарите откриваат дека љубовта кон печатените страници е посилна од стравот од вирусот.

Еве пред малку, дојде една професорка по филозофија, наша редовна читателка, која поради страв од вирусот читала книги на интернет, но ни откри дека и покрај стравот одлучила да си земе печатено издание бидејќи чувството да се држи книга во рака и да се вртат страниците меѓу прстите не е исто како читањето онлајн, восприемањето на содржината и доживувањето е сосема поинкаво“, вели раководителката Јакимова и додава дека секоја читана книга која се враќа во библиотеката прво се дезинфицира пред да биде ставена назад на полиците.

Факт е дека читањето уште од најрана возраст ги развива менталните способности особено децата, им ја поттикнува концентрацијата, ги тера да истражуваат и го збогатува нивниот фонд на зборови.

Во оваа пандемија на површина испливаа сите проблеми, стравови и депресија кај луѓето, но она што нашите членови ни го откриваат кога ќе дојдат тука е дека штом се задлабочат во читањето  и своето внимание ќе го насочат кон содржината на книгата, исчезнуваат сите нивни грижи од секојдневието“, додава Јакимова.

На горниот кат во склоп на библиотеката „Другарче“ функционира и игротека, каде најмладите на возраст помеѓу 4 и 6 години, покрај тоа што играат и другаруваат, имаат и минути за читање книги, односно педагогот кој работи со децата им чита и приказни со цел од мали нозе да им ја всади љубовта кон пишаниот збор.

Централната библиотека „Браќа Миладиновци“, пак, располага со англиско катче и богат фонд на книги на англиски јазик. Од библиотеката велат дека со годините расте и интересот за читање на книги на англиски јазик, бидејќи ова не само што е популарно помеѓу младите, туку им помага полесно да го совладаат јазикот и да го збогатат својот фонд на зборови.

Членството во библиотеката чини 300 денари годишно, 250 за пензионери, а за деца од основно образование 150 денари. Изнајмувањето на една книга пак чини 15 денари. Библиотеката „Другарче“ располага со близу 70.000 наслови.

Градската читална која работи во склоп на градската библиотека „Браќа Миладоновци“ почна да работи по 24 часа

Големата читална која функционира како дел од градската библиотека „Браќа Миладоновци“ од понеделникот е отворена по 24 часа седум дена во неделата. Ова беше барање на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Одлуката, беше донесена заедно со локалната градска власт.

Ева Цветковска, како претставник на Универзитетското студентско собрание, во изјава за НоваТВ, вели дека идејата потекнала од потребата и неопходноста за враќање на старото работно време, бидејќи факултетите од онлајн настава повторно се вратиле на класично предавање во училница.

„Идејата се наметна откако најголем дел од студентите од останатите градови се претежно вратени во Скопје, па тоа дополнително ја отвори потребата да добијат простор за учење. Има огромен број на студенти кои често ја користат и ја обожуваат читалната како место и за учење и за дружба“, вели Цветковска, која сепак ја истакнува потребата библиотечниот фонд да се збогати и со стручна литература за високо образование, за што смета дека се уште недостига.

(Б.Б.)

Интересот за читање расте и во градовите од внатрешноста

Седум стотини членови на градската библиотека „Гоце Делчев“ во Гевгелија минатата година прочитале околу 20.000 книги што, според библиотекарите, е помалку од порано, но сепак претставува бројка за почитување.

„Имаме читатели кои годишно читаат и по сто и повеќе книги од богатиот фонд на библиотеката, но доколку направиме просек, според нашата евиденција, излегува дека секој член годишно чита околу 30 книги и така доаѓаме до бројката од 20.000 прочитани книги во текот на една година, велат библиотекарите.

Книжниот фонд на библиотеката нуди 60.000 монографски публикации, а според статистиката на библиотеката, изминатата година гевгеличани најмногу читале белетристика на љубовна тема, трилери и авантуристички романи од познати писатели.

Измината година и Домот на културата во Македонски Брод, со финансиска помош од Министерството за култура го збогати книжниот фонд во библиотеката „Кочо Рацин“ со 92 нови наслови на книги, дел задолжителна лектира, а дел од други жанрови, па сега библиотеката во Македонски Брод располага со книжен фонд од над 30.000 примероци.