Општина Струмица денеска ја одбележа десетгодишнината од трагичната смрт на поранешниот претседател на Република Македонија, Борис Трајковски. Пред споменикот „Македонија“ подигнат во негова чест, свежо цвеќе положи градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, кој пред големиот број роднини, пријатели и почитувачи на Трајковски, зборуваше за животот и делото на трагично загинатиот претседател.
– Иако јавноста на различни начини ја коментираше неговата работа, факт е дека Борис Трајковски работеше со чесни намери да и помогне на Република Македонија и на нејзините граѓани. Тоа тој го правеше со нагласена енергија, верба во успех и со многу, многу љубов. Остана верен на својот препознатлив стил со кој манифестираше ведрина, топлина, срдечност и безпрекорна ширина во своите погледи и ставови. Без разлика дали се среќаваше со високи државници ширум светските меридијани или со обичните граѓани низ македонските градови и села, Борис Трајковски остануваше секогаш Борис Трајковски.
– Стоеше исправено и пред најголемите искушенија со кој се соочуваше Република Македонија. Божјиот човек, трпеливо и добродушно се справуваше со сите бариери кои се наоѓаа пред него. И тогаш кога низ светот требаше да се најдат вистински пријатели за евро-атлантското интегрирање на Македонија, и тогаш кога воениот конфликт и се закануваше на земјата дека ќе ја фрли во амбис. Секогаш, ама баш секогаш наоѓаше сили да биде голем пред големите предизвици. Им простуваше на сите што го напаѓаа, ги ползуваше сите можни придобивки од позитивната дипломатија, но се чини беше најголем како творец на Рамковниот договор со кој му стави крај на меѓуетничкиот конфликт.
– Претседателот Борис Трајковски сонуваше со отворени очи за поуспешна, посреќна, попросперитетна и посилна Македонија, како дел од ЕУ и НАТО. За жал тие негови соништа беа прекинати на денешен ден пред десет години. Почитувани сограѓани наша должност е за нас и за него, но и за идните генерации Македонци, да продолжиме да го сонуваме убавиот сон и да се трудиме заеднички тој да стане наше јаве. Каде и да е Борис Трајковски силно ќе се израдува на тој успех, рече градоначалникот Заев.
Покрај градоначалникот Заев, пред споменикот на Трајковски цвеќе положија и претставници на општинскиот одбор на Сојузот на борците, на политичките партии, јавни институции и здруженија на граѓани, а во чест на Трајковски настапија и членовите на рецитаторската секција при домот за деца и млади „Благој Мучето“ од Струмица.



