Струмица е првата и единствена општина во Република Македонија и меѓу 1539 градови во целиот свет која е вклучена во проектот „Мојот град се подготвува“ кој се реализира во партнерство со Обединетите нации и Интернационалната стратегија за намалување на ризикот од катастрофи на ОН.
Денеска, во Домот на АРМ во Струмица, се одржа презентација на проектот чија цел е градовите и локалните самоуправи да се подготвуваат за справување со несреќи и катастрофи, да работат на намалување на ризиците од истите и да станат еластични кон кризи. Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, упати јавна благодарност до УНДП за соработката преку која се реализирани бројни проекти, кои се од големо значење за граѓаните, а ја нагласи и помошта од 100 илјади долари што општината ја доби по катастрофалниот пожар во 2012 година.
Тој изрази задоволство што Струмица е прва општина во Македонија, вклучена во проектот „Мојот град се подготвува“.
-Упатувам силна порака до сите во заедницата во која што живееме, дека треба навистина да се подготвиме, секогаш да насочиме голем дел од нашата енергија во делот на личната подготвеност, семејната, така и во институционалната подготвеност при евентуални катастрофи. Струмица е подрачје кое што е подложно и на земјотреси, на пожари и поплави, а тоа значи дека ако однапред бидеме сите подготвени, секако и последиците од самите катастрофи ќе бидат минимални. Морам да ги уверам сите граѓани од овој регион, дека, взаемната соработка помеѓу центарот за управување со кризи, дирекцијата за заштита и спасување, црвениот крст, противпожарната станица, сите локални институции, здравствениот дом, медицинскиот центар и сите повикани институции, во пракса е веќе спроведена со координирани активности кои што не прават поспокојни во делот на нашата подготвеност. Но, ова е материја која мораме секогаш да ја учиме и надградуваме и се повеќе да бидеме едуцирани и подготвени за справување со катастрофите. Јас сум благодарен, што УНДП навистина беше силен препознавач на подготвеноста на целиот овој регион, на сите државни и општински институции, вложија значителни средства, општината партиципираше со свои финансиски средства, така да денеска сме прва општина во Република Македонија, но и една од 1.500 општини во светот кои што се членки на оваа асоцијација на општини, подготвени да се справат со ризиците од природните катастрофи. Остануваме и во иднина целосно посветени, затоа што климатските промени си го прават своето, а ние како општество мораме да бидеме подготвени брзо да реагираме се со цел да го заштитиме животот на нашите граѓани и имотните добра со кои располага нашето општество, изјави градоначалникот Заев.
За значењето на проектот „Мојот град се подготвува“ зборуваше и Деметрио Иноченти, официјален претставник на UNISDR, кој се заблагодари на соработката со општина Струмица.
Во реализацијата на овој проект, општина Струмица се вклучи во декември 2011 година.




