Студентите кои завршилe Медицински факултет по завршување на студиите ќе добијат можност за платена практична работа во здравствените домови во текот на 6 месеци во Итната медицинска помош, во вакциналните пунктови и поливалентните патронажни служби.
Ова денеска го потврди министерот за здравство Венко Филипче по средбата со трите здруженија на лекари специјализанти.
-Како што најавивме пред неколку дена успеавме да направиме модел каде секој студент ќе добие можност за практична настава во здравствените установи. Ова е само еден од многуте чекори кои ги презема Министерството за здравство за подобрување на условите на медицинскиот кадар во земјава, изјави министерот за здравство, д-р Венко Филипче по средбата со трите здруженија на лекари специјализанти.
Претставниците од здруженијата ги поддржаа предлозите на министерот и се согласија да бидат дел од процесите со кои ќе се реализира предлогот сите лекари штом ќе добијат лиценца, веднаш да им се даде можност 6 месеци да добијат платена практична работа во Итната медицинска помош, во вакциналните пунктови и поливалентните патронажни служби, велат од Министерството за здравство.
Министерството за здравство од јануари годинава ја зголеми и основната плата на здравствените работници, здравствените соработници и помошниот технички персонал во здравството. Зголемувањето се движи од 5 до 10 проценти, при што кај лекарите-специјалисти е 10%, за медицинските сестри на клиниките-8 проценти, а останатите медицински сестри добиваат зголемување од 5 проценти. Сите останати здравствени работници добиваат 5-процентно зголемување. За администрацијата во здравството, пак, е предвидено зголемување на основната плата од 5%, од септември, годинава.
Коефициентот за дежурства е коригиран во сооднос со зголемената основна плата при што надоместоците за дежурствата на лекарите остануваат на исто ниво како што било пред зголемување на основната плата.
Како дополнување на мерките за подобрување на состојбата, Министерството за здравство, минатата година првпат обезбеди и средства за вложениот труд на специјализантите. Тие сега земаат плата за својот труд во висина од просечна плата на општ лекар.




