Група студенти, членови на Студентскиот пленум вечерва со книги во рацете половина час ја блокираа улицата пред градската библиотека „Браќа Миладиновци“.
Ваквата герила-акција доаѓа по упадот на полицијата пред четири дена во читална во 23 часот вечерта, веднаш по протестот против полициската бруталност, барајќи демонстранти меѓу студентите кои учат и создавајќи паника кај присутните во читалната.Според Пленумци, на полицијата им било сомнително зошто толку студенти навечер се во читалната.
Студентите велат дека со ова, сакаат да и демонстрираат на полицијата дека се учи и во доцните вечерни часови, а на колегите им порачаа немилито настан да не ги демотивира да доаѓаат навечер во читална.
-Поентата на ова е да покажеме дека и после 23 часот навечер се учи, бидејќи пред неколку дена полицајците влегоа токму во оваа читална и прашуваа како тоа во 23 часот се учи насилно изнесуваа од студентите надвор, имало и тепање и слично, изјави студентка.
-Овде доаѓам од прва година, сега сум трета и би сакала да кажам дека ги поддржувам моите колеги и пријатели кои пред некој ден беа жртви на упаѓање во читалната и посебно ме погоди и мене бидејќи сум овде секој ден и можев да се најдам и јас тука, посочи студентка.
Според сведоштвата на студенти, Студентскиот пленум во вторникот објави дека вечерта во читалната влегле 50 специјалци и почнале да ги бркаат и буткаат студентите без никаква причина, притоа заканувајќи им се дека ќе добијат кривични пријави под никаква основа.
Дека полицијата упаднала на прес-конференција следниот ден веднаш потврди и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Според неа, упадот бил легитимен, а меѓу присутните во читалната бил пронајден и уапсен еден од демонстрантите.




