По денешната вонредна средба со премиерот Никола Груевски кој на сопствена иницијатива ги повика студентите, професорите како и претставници од ректоратот на УКИМ на состанок, Студентскиот пленум излезе со соопштение во кое истакнуваат дека се сложни во ставот дека нивните аргументи го убедиле премиерот во апсурдноста на сопствениот закон.
– Денеска тој попушти, но пленумци не се наивни.Сосема е позната законската процедура: прв чекор кон укинување на закон е мораториум односно одложување на веќе донесениот. Првиот чекор ќе го сметаме за исполнет ако го видиме изгласан во собраниска процедура. Следниот е донесување на целосно нов закон. Нашата борба е студентите да бидат постојано и дирекно вклучени во негово креирање како неодминлив и релевантен фактор. Ако тоа не се случи отвореноста и подготвеноста на нашата влада ќе бидат нелегитимни. Тие би биле обично ретерирање, одложување на револтот, страв… Во тој случај наша граѓанска должност останува бунтот. Поучени од досегашната транспарентност и инклузивност, остануваме будни! Прогласуваме автономна зона! Студентскиот фронт не е затворен!, порачаа студентите.
Освен студентите и професорскиот пленум соопшти дека временото одлагање до 2018 година ќе даде простор и доволно време да се вклучат сите засегнати страни во процесот и да дадат свој придонес во изготвувањето на нов закон за високо образование кој ќе се темели на длабинска анализа на сегашната состојба, досегашните политики и потребите на македонскиот образовен систем.
После четири месеци јавни протести и укажувања на нелегитимноста на изменетиот и дополнет закон за високо образование, премиерот Никола Груевски денеска ги повика Пленумци и претставниците од работната група на УКИМ на вонреден состанок во својот кабинет.
По денешната средба, воведувањето на државен испит за студентите, изборот во нови звања, новите наставни програми, како и имплементација на новиот систем од 300 на 360 кредити, кои Пленумци ги оценија како најпроблематични, засега се одложуваат и во следните две години и околу нив ќе се води дебата.
На првата собраниска седница, измените во Законот за високо образование ќе се стават во мирување.
>>> (ВИДЕО) Спорните точки од Законот за високо образование се ставаат во мирување




