Судењето за „Титаник 3“ за уништување изборен материјал на локалните избори во 2013 година, каде обвинети се тогашните членови на општинската изборна комисија во Чаир Ејуп Аљими и Исмет Гури од ДУИ, продолжува на 26 август.
Денешното рочиште продолжи со читање на нов доказ предложен од одбраната на обвинетите. Судот го одби барањето за графолошкото вештачење на потписите на записниците од гласањето на изборите во 2013 година од страна на одбраната, а одбраната побара распит на двајцата осомничени.
Претходно адвокатите на обвинетите побраа изземање на обвинителите од СЈО Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски поради конфронтацијата на Фетаи со Јанева, но Катица Јанева го одби ваквото барање.
Постапката за „Титаник 3“почна одново на 15 март годинава по именување на судијката Марија Клетичка за нов судија во предметот, откако судијката Оља Ристова, која го водеше случајот, во февруари годинава побара изземање од предметот.