Кривичниот суд во Скопје и за време на судската ферија, од 15 јули до 15 август, ќе работи на итни и на притворски предмети.
Судиите и вработените во овој суд користат годишни одмори според претходно направен распоред, односно судската ферија не значи оти во овој период Кривичен суд воопшто не работи.
– За време на годишните одмори во Судот секогаш има дежурен судија на претходна постапка и дежурен кривичен совет, а работат и останатите служби за издавање уверенија, посочуваат од Кривичен.
За итни предмети се сметаат случаите во кои се инволвирани странски државјани, како и предмети за кои обвинителствата можат да побараат неодложно спроведување на постапката.
И покрај тоа што судската ферија почнува на 15 јули, за денеска е закажано судско рочиште за предметот на Специјалното јаво обвинителство „Труст“, што е во фаза на завршни зборови.
Веднаш по завршувањето на одморите, на 16-ти август, е закажано рочиште за обвинетите во предметот на СЈО „Титаник“.
Минатото рочиште за овој случај, што требаше да се одржи на 3 јули беше одложено поради неприсуство на обвинетата Гордана Јанкулоска која, како што извести нејзината адвокатка Сања Алексиќ се наоѓа во болница по породувањето.
Судијата Осман Шабани тогаш рече дека обвинетата Јанкулоска има право 45 дена да не биде повикувана на судски рочоишта, поради што го одложи судењето за „Титаник“ за 16 август.
Досега изречени неколку пресуди
Кривичниот суд досега има донесено пресуди за обвинети предметите на СЈО „Триста“, „Тенк“, „Тифани“, „Таргет-Тврдина“ и „Насилство во општина Центар“.
На 22 мај Кривичниот суд му изрече пресудата од девет години затвор на поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски за злоупотреба на службена должност во врска со јавната набавка на 300 возила во случајот „Триста“.
Ден потоа, на 23 мај, поранешниот премиер, обвинет за набавка на луксузниот „мерцедес“ во предметот „Тенк“, Никола Груевски доби две години затвор за примање награда и противзаконско влијание, а поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски доби шест и пол години затворска казна за злоупотреба на службена должност и овластување.
Условна казна од две години затвор ако во наредните четири години не стори кривично дело доби новинарката Ивона Талевска за даночно затајување во случајот „Тифани“. Судењето за овој случај на СЈО се одржа во еден ден, бидејќи Талевска призна вина. Судот ја изрече пресудата и ја задолжи Талевска во рок од една година да го врати данокот во износ од над два милиони денари.
Прв предмет на СЈО за кој Кривичниот суд донесе пресуда во ноември минатата година е „Тврдина – таргет“. Еден од обвинетите врз основа на признание на вина е осуден на условна казна затвор во траење од шест месеци, доколку во рок од две години не стори друго кривично дело.
И во предметот на СЈО „Насилство во Центар“ условни казни добија четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски, откако признаа вина пред Судот.
И уставните судии од 15 јули се на судска ферија. Следната седница на Уставниот суд ќе биде по 1 септември, кога судиите се враќаат во полн состав и ќе продолжат со работа.
Како што велат од Уставен за МИА, во периодот од 15 јули до 1 септември нема да се одржуваат седници, но сепак службите во Судот ќе работат.
Од Врховниот суд велат дека за време на феријата се постапува по предметите за кои судовите се обврзани со закон да постапуваат.
– Службите на Врховниот суд на Република Македонија и на сите судови се редовно работно ангажирани. Само Законот за судови предвидува во кои постапки судовите не смеат да постапуваат, а во кои мораат да постапуваат, велат од Врховниот суд.
Оттаму посочуваат дека по завршувањето на судската ферија Врховниот суд на Република Македонија ќе продолжи да постапува по сите предмети кои се во работа според редослед предвиден со Закон и Деловник.




