Стражарно приведување на Зоран Заев доколку не се појави на следното судско рочиште за случајот „Пуч“ кое е закажано за 2.декември. Ова го рече денеска во судницата судијката Љубинка Башевска.
– Досега многу толерирав. Очигледно господинот Заев толку инсистира, што мора на наредното рочиште јас да наредам стражарно приведување. Очигледно почнува да си игра мајтап, рече судијката Башевска.
Од друга страна, неговиот адвокат Филип Медарски, на судијката и рече дека тие очекуваат случајот во најбрз период да биде пренесен во надлежностите на Специјалното обвинителство и дека Заев е подготвен да се појави пред специјалната обвинителка.
На денешното рочиште, според адвокатот, Заев не дошол бидејќи имал меѓународни активноси и денеска патувал до Цирих.
Првообвинетиот во случајот „Пуч“, Зоран Верушевски, беше револтиран бидејќи во затворот му ги одзеле фотогрфиите од неговите внучиња, кои му ги пратиле во пакетот со храна.
Во „Пуч“, Заев е четвртообвинет и се товари за насилство кон државни функционери, а обвинети се и поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња Верушевска, Ѓорѓи Лазаревски вработен во МВР и Бранко Палифров, функционер од Општина Струмица.