За 2.2 милијарди долари, Султанот од Брунеи, Хасанал Болкиах сака да ги купи хотелите „Плаза“ во Њујорк и „Гросвенор хаус“ во Лондон од индискиот бизнисмен Субрата Рој, објавува The Economic Times.
Субрата Рој се уште е во затвор поради долг кон инвеститорите во неговиот фонд, повисок од 2 милијарди долари. Индискиот суд минатата недела му даде 15 дена на Сурбата Рој да ги финализира продажбите со кои треба са собере пари за да ја плати сумата која ја побаруваат тамошните власти.
Султанот од Брунеи, важи за еден од најбогатите луѓе на светот. Неговото лично богатство се проценува на 20 милијарди американски долари, но како апсолутен монарх на Брунеи тој ужива во богатството на својата земја, позната по залихите на нафта и природен гас.
Ултра-богатиот султан, кој го обожава животот на „висока нога“ и луксузот, е прилично контроверзна личност, особено откако одлучи во својата земја да го воведе строгото шеријатско право, код вклучува каменување за прељубниците и хомосексуалците.
Западните медиуми го нарекуваат „султанот-хомофоб“, а организациите за заштита на човековите права и холивудските ѕвезди ги бојкотираат неговите хотели во знак на протест за овој негов потег.