Републичкиот јавен обвинител денеска поднесе предлог за поведување на дисциплинска постапка за утврдување на одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда. Со него, како што дознава Нова ТВ, се опфатени шефицата на Основното јавно Обвинителство за гонење на криминал и корупција, Вилма Русковска, Елизабета Јосифовска и Ивана Трајчева. Неофицијално, крупната професионална грешка што им се става на товар, а со која сториле тешка дисциплинска повреда, се однесува на претресот во Управата на финансиската полиција.

„Во согласност со член 93 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија денеска поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеа 6 од Законот за јавното обвинителство“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.

Во исто време, додаваат од Обвинителството, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе Решение за оддалечување од функцијата на еден јавен обвинител додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против него.