Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025
Фото: Фејсбук профил Салвјанка Петровска

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Св.Еразмо (Енгелана)-Охрид: Паско е преголем за да не успее

0
By Нова ТВ on July 30, 2013 ПОЛИТИКА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email
Published: Tuesday, July 30, 2013 18:59

По писмата на археолозите од Стоби и Плаошник, до редакцијата на НОВА со своја реакција околу приведувањето на Паско Кузман се јави и археолошка стручна екипа на Св.Еразмо (Енгелана)-Охрид.

За нив, како што велат, Паско е археолог, целосно и тотално. Политички булдожер, манипулант, арамија и пречекорко не е, ама тоа не ќе можете да го знаете ако не сте имале можност да Ви биде колега, теренски раководител, соработник и уште многу, многу повеќе од тоа – ако не ви е пријател.

„Летаргичната македонска археологија – зачмаена некаде помеѓу правливи салонски кабинети, релативно празни музејски депоа, без стручни библиотеки и со скромен број квалитетни кадри, заглавена во недоречени закони препишани од она што остана од СФРЈ-републиките, не ни сонуваше дека харизматичниот, работлив и бесконечно чесен белградски студент од Охрид, ќе биде најзначајната алка што ќе успее да ги состави во едно сите контексти потребни за брендирање, покренување и отелотворување на една од најатрактивните општествени дисциплини во секое цивилизирано општество, вклучително и нашето: на археологијата.

>>Плаошник: Паско секогаш ќе биде нашиот прв човек

Откако така ја крсти Клод Леви Стос, археологијата се интерпретира како фундаментална наука за човекот. Прашината, маглината и лавата што се креваше околу неа, и на археолошките терени, и по јавните гласила изминативе години, е само потврда на одамна искажаниот став на големиот антрополог.

Паско е археолог. Целосно и тотално. Политички булдожер, манипулант, арамија и пречекорко не е, ама тоа не ќе можете да го знаете ако не сте имале можност да Ви биде колега, теренски раководител, соработник и уште многу, многу повеќе од тоа – ако не ви е пријател.

Да, под негово раководство копавме една античка тврдина од IV век пр.н.е – да, античката македонска тврдина Енгелана на Св. Еразмо кај Охрид. Онаа кога влегувате во Охрид од Скопје, од вашата лева страна. Обрасната е со џбунови, ѕидовите се обрушени во најголем дел, инфо-табла нема, ниту пак пат да се стигне до неа – како и најголемиот дел од запустените археолошки локалитети во нашата татковина. Сè додека Паско не обезбеди начин, услови и стручно знаење да биде истражена, конзервирана и достапна.

Копавме 15 месеци, секој ден (врнело, не врнело, топло било, ладно било, слабо битно и за него, и за нас). За да стигнете, потребно е да одите пеш скоро 1 саат по голема стрмнина или за побрзо, со трактор, кога може. Чоекот се испокара со пола Македонија за да се направи колски пат до таму. Патем, не го баравме гробот на Александар – дека таму го нема, знае и студент на прва година по археологија, а не виспрен новинар во политичка рубрика на македонски медиум.

Кога сме на терен со Паско, ни се лути ако во сондите по грешка сме заборавиле пластично шише, а камоли да се појави отпечаток од патика во хоризонталната стратиграфија. Мора сè да биде „под конец“. Ни се лути и ако не стигнеме на време во 6.00 ч. наутро, со сè саботите. Нема фолирање кога работиме со него. И кога не работиме, пак е нешто муабетот околу работата, со понекое пиво. Неволно чај, откако му се случи сериозната здравствена хаварија пред две години.

Од него научивме и како се документира на археолошки терен. Жена му Нада и тој заедно имаат 70 години археологија позади себе, и исто толку археолошка документација и научни трудови за кој никој не ни чул, оти во принцип, овде слабо се чита пред да се пишува. Во Музејот во Охрид, каде поминаа најголем дел од своите работни кариери, нема место каде да се чува таа документација. Потребна е нова зграда, често ни кажуваше. Море, го повторуваше бесконечно досадно, гласно размислувајќи кое би било најсоодветното место во Охрид за да се изгради нов музеј.

Ние се шегувавме со охридсково Корбизије за сметка на неговата грижа за таа документација – ќе тргне од теренските цртежи, ќе заврти со тоа очите, ќе стигне до новите депоа од новиот музеј, на новата локација во центарот на Охрид, во кои таа трајна документација конечно би била соодветно и безбедно сочувана. Се пензионира, бе човечиште, дур да скапираме оти секогаш си бил три чекори понапред.

Од тебе, всушност, научивме дека има надеж да си 65, и да си ја сакаш работата како да си 25. Дека можеш да ни ги цитираш Живко Чинго, Трајан Мартиноски, Есенин и Пруст, ко вчера да си ги читал, дека можеш да ни ги пееш Стонси на полуук англиски јазик и да се смееш сам на себе за изговорот, погласно од нас…

Да не се случеше тоа што се случи минатиот понеделник, ни на сон немаше да ни падне да пишуваме вакви приватни нешта од нашите летни лежерни муабетчиња пред Света Софија. Извини, барем од нас. И ова сакаме да го кажеме, оти и тоа така беше – се расправаше со сметководителот, со трезорот, и со кој сè не, ако ни задоцнеа дневниците за сработеното.

За информација на јавноста, исто така, таа изнесува помалку од дневницата на ѕидарски мајстор, ама почетник. Љубовта и страста кон професијата е единственото што човек го има кога е археолог. Џипови, куќи на Флорида, злато на таван, тоа го немаат државните археолози, како што љубат да нè нарекуваат.

Дека радоста е наградата од откритието, археолошки ти е јасно и тебе. Како и тоа, благодарение на археологијата повторно, дека времето е поголем аџија од нас луѓето!3

Археолошка стручна екипа на Св.Еразмо (Енгелана)-Охрид

(листата на имињата на авторите на текстот се наоѓа на Дозволата за археолошки ископувања, документ на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид)

Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Падна Владата во Република Српска

March 16, 2026

Пленковиќ за новото оружје на српската армија: Нешто вакво никогаш не е видено во Европа

March 13, 2026

5.1 по Рихтер ја потресе централна Грција

March 12, 2026

Хорор во Швајцарија, шестмина мртви – во автобус човек се полил со бензин и се самозапалил

March 11, 2026

Земјотрес во Италија почувствуван во неколку европски земји

March 10, 2026
ФОКУС
March 16, 2026Updated:March 16, 2026

Нов брз удар по џебот на граѓаните – горивата пак поскапеа

ВЕСТИ March 16, 2026

Значително поскапување на горивата стапува на сила од ноќеска на полноќ, откако Регулаторната комисија за енергетика донесе…

Молитва за упокоените, гласна тишина и шеесет и три столчиња во Паркот на револуцијата во Кочани

March 16, 2026

Една година од несреќата во Кочани: „2 часот и 32 минути. Во ‘Пулс’. Во тој миг 63 млади срца престанаа да чукаат меѓу нас“

March 16, 2026

Генералниот секретар на ИТУЦ до Мицкоски: Загрижени сме за притисоците врз синдикатите

March 15, 2026
ТИКЕР

Падна Владата во Република Српска

March 16, 2026

Пленковиќ за новото оружје на српската армија: Нешто вакво никогаш не е видено во Европа

March 13, 2026

5.1 по Рихтер ја потресе централна Грција

March 12, 2026

Хорор во Швајцарија, шестмина мртви – во автобус човек се полил со бензин и се самозапалил

March 11, 2026

Земјотрес во Италија почувствуван во неколку европски земји

March 10, 2026
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2026 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.