Поранешниот премиер Никола Груевски кој е во азил во Унгарија во времето кога беше претседател на македонската влада му се доверил на својот близок соработник Мартин Протуѓер дека купил земјиште на Водно распослано на 10.000 метри квадратни.

 

Потврдата за ова сознание денеска во свој исказ пред судечкиот совет во Кривичниот суд во Скопје даде токму Протуѓер поранешниот, висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ кој од од 2006 година беше шеф на кабинетот на Груевски.

 

Тој сведочеше во судскиот процес „Плацеви на Водно“ во кој застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова. Пред Протуѓер денеска сведочеа и Гордана Јанкулоска и Влатко Чинговски, поранешен директор на компанијата АД ЕЛЕМ.

 

Протуѓер кој од 2008 до 2011 година ја извршува функцијата генерален секретар на владејачката партија во тоа време ВМРО-ДПМНЕ, исто како и претходните негови сопартијци беше прашан од обвинителката Стефанова дали имало сеф во седиштето на партијата, факт кој пред тоа како сведок го потврди и поранешната министерка Гордана Јанкулоска.

 

– Имаше сеф во канцеларијата на генералниот секретар, која ретко ја користев Не можам да кажам што имало во сефот, дали имало материјални средства и колку, тоа не би знаел да кажам. Не знам, одговори сведокот Протуѓер.

 

Тој додаде дека имало информации дека во партискиот сеф се чувале документи важни за партијата, но слушнал дека имало и пари.

 

– Разбрав дека има средства за редовните трошоци, хартија, сијалици, но за волја на вистината не можам да го потврдам со сигурност -додаде Протуѓер.

 

Во текот на своето сведочење сведокот во судницата раскажа и за желбите за нов станбен простор за живеење на неговиот поранешен лидер Никола Груевски, кој како што рече Протуѓер, откако лекари поради здравствената состојба му советувале да живее на повисоко место, се почесто го споменувал Сопиште.

 

– Беше запнат за локација како Сопиште, сакаше да живее во куќа за да најде мир таму – рече Протуѓер и откри дека Груевски му спомнал дека купил земјиште на Водно, иако како што предочи сведокот, неговиот поранешен лидер бил многу претпазлив кога требало да открие нешто за своите планови.

 

– Во 2012 година ми спомна дека земал некое земјиште од 10.000 квадратни метри на Водно, за други детали не сме разговарале. Тој беше таков човек, сакаше да биде внимателен, претпазлив и ако не сака да каже нешто не кажуваше – рече Протуѓер.

 

Плацот на Водно што денеска во својот исказ го спомна Протуѓер, а го купил Груевски е интересен за обвинителството затоа што според обвинението на Стефанова, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милиони евра, а со парите купувал парцели на Водно.

 

На ова земјиште имало шума, но со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Покрај имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во Скопје и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прикривал вистинскиот сопственик односно Груевски.

 

Познато е дека обвинителството бараше и конфискација, а според сумите кои ги објави обвинителство за кои биле купени или колку се проценети парцелите и становите, нивната вкупна вредност е околу 1,5 милиони евра. При купувањето на становите и парцелите, според обвинителството, инволвирани се и фирми со кои се поврзуваат дел од обвинетите, меѓу кои и офшор-компанија. Груевски е обвинет за делата перење пари и противправно стекнување и прикривање на имот. Камчев, неговата мајка, како и Новачевски и Јосифовиќ се товарат за перење пари, додека Мијалков е обвинет за помагање во делото перење пари.

 

Стојанка Митреска